
Членовите на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК+) разговараат дали да го зголемат производството на нафта во април според планираното или да го замрзнат, соопштија денеска извори од ОПЕК.
Се додава дека гореспоменатите членки одлуката ќе ја донесат врз основа на проценката на состојбата со глобалното снабдување со нафта предизвикана од најновите американски санкции против Венецуела, Иран и Русија, пренесува Ројтерс.
Групацијата има рок од 5 до 7 март да подготви производствен план за април, но засега не е постигнат консензус, велат некои од изворите.
Што се однесува до земјите од ОПЕК, Обединетите Арапски Емирати би сакале да продолжат да го зголемуваат производството, како и Русија, велат некои од изворите.
Тие додаваат дека другите членки, вклучително и Саудиска Арабија, вршат притисок за одложување.
Американскиот претседател Доналд Трамп го обнови притисокот врз ОПЕК да ги намали цените на нафтата, кои се искачија над 82 долари за барел во јануари на највисоко ниво во последните неколку месеци, откако претходникот на Трамп Џозеф Бајден воведе нови енергетски санкции кон Русија.
Оттогаш, цените на нафтата паднаа на 73 долари поради очекувањата дека Трамп ќе помогне да се постигне мировен договор меѓу Русија и Украина и да се зајакне протокот на руска нафта.
Сепак, неговите планови да го намали извозот на иранска нафта на нула и овонеделното откажување на лиценцата на Chevron Energy Corporation за работа во Венецуела го запреа натамошниот пад на цените.











