
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК+) се согласи за уште едно зголемување на производството на нафта следниот месец, што претставува зголемување на понудата втор месец по ред, објави „Блумберг“, повикувајќи се на извори.
Клучните земји предводени од Саудиска Арабија и Русија се согласија да додадат 411.000 барели дневно следниот месец, изјавија неименувани делегати.
Ова зголемување го одразува сличното зголемување објавено минатиот месец, кога групацијата одлучи да го утрои планираниот обем за мај.
Делегатите на ОПЕК+ рекоа дека промената во стратегијата се случила затоа што Ријад одлучил да „финансиски казни“ членови како Казахстан и Ирак, бидејќи нивното прекумерно производство на нафта предизвикало пад на цените.
„ОПЕК+ штотуку фрли бомба на пазарот на нафта. Со овој потег, Саудиска Арабија сака да казни непочитување, особено од страна на Казахстан, но и да го придобие претседателот Трамп за неговите напори да ги намали цените на нафтата“, рече Хорхе Леон, аналитичар во „Ристад Енерџи А/С“, кој претходно работеше во секретаријатот на ОПЕК.
Ријад се стреми да ги зајакне врските со американскиот претседател Доналд Трамп, кој ќе го посети Блискиот Исток овој месец и ја повика Организацијата на земјите извознички на нафта да ги намали цените на горивата.
Трамп, исто така, преговара за нуклеарен договор со Иран, политички противник на Ријад и членка на ОПЕК.
Цените на нафтата се тргуваа на околу 61 долар за барел во Лондон во петокот, близу до четиригодишното најниско ниво, поради пресвртот на Трамп кон Саудиска Арабија и стравувањата од царинска војна на САД со Кина, најголемиот увозник на нафта во светот и втора по големина економија.
Падот на цените им се заканува на нафтените компании, вклучувајќи ги и американските производители на шкрилци, а ситуацијата го загрозува и производството во Саудиска Арабија.
Ирак вложува одредени напори да ги исполни целите на ОПЕК, за разлика од Казахстан, со постојани прекршувања на квотите што го налутија Ријад, според Блумберг.











