Опел започнува производство на мотори во Алжир

Германскиот производител на автомобили „Опел“ објави дека има намера да започне со производство на мотори во Алжир, потврдувајќи го планот за воспоставување комплетен погон за производство на возила.

Подружницата на „Стелантис“ објави на Германско-алжирскиот бизнис форум во Берлин дека испратила официјално писмо за планираната изградба на фабриката.

Во веќе најавениот објект, тие имаат намера да произведуваат автомобили за алжирскиот пазар, а со интеграцијата на фабриката за мотори, ќе станат првата компанија што ќе произведува мотори за своите возила во Алжир.

„Потпишувањето на меморандумот за разбирање (за изградба на фабриката за мотори) претставува стратешка пресвртница, како дел од континуираното проширување на меѓународниот бизнис надвор од Европа“, изјави извршниот директор на „Опел“, Флоријан Иетл, во соопштение за медиумите.

Производителот на „Џип“ и „Пежо“ долго време се бори со вишок производствен капацитет во Европа и сигнализираше затворање на фабриката во Поаси, Франција.

Ситуацијата е дополнително комплицирана од ненадејното проширување на евтината кинеска конкуренција и неочекувано бавниот премин кон електрични возила, пренесува Хина.

Во такви услови, оваа година „Стелантис“ одлучи да отпише повеќе од 22,2 милијарди евра во бизнисот со електрични возила, истакнувајќи го прилагодувањето на понудата кон побарувачката и усогласувањето со новите американски регулативи за емисиите.