OpenAI воведува ChatGPT за тинејџери

OpenAI воведува посебна верзија на ChatGPT за тинејџери, како одговор на растечкиот број предупредувања од експерти и родители за емоционалната зависност на младите луѓе од чет-ботови.

Новата верзија, ChatGPT за тинејџери, ќе биде достапна за корисници на возраст од 13 до 17 години од вторник. Таа носи построги ограничувања за содржината поврзана со самоубиство, самоповредување и романтични и сексуални разговори, но исто така и алатки за учење кои треба да им помогнат на учениците да го разберат материјалот, наместо само да генерираат готови задачи и есеи.

Од OpenAI велат дека сакаат да создадат средина прилагодена на возраста на корисникот.

„Сакаме да се однесуваме кон тинејџерите како кон тинејџери, а не како кон деца, но не и како кон возрасни“, изјави Ен О’Лири, потпретседателка на компанијата за глобална политика, додавајќи дека целта е да се заштитат младите од содржина несоодветна за возраста.

Растечки загрижености за вештачката интелигенција
Родителите, наставниците и експертите со месеци предупредуваат дека четботовите го олеснуваат копирањето, но исто така можат да поттикнат нездрави емоционални врски со вештачката интелигенција.

Минатогодишното истражување покажа дека ChatGPT е подготвен да им дава на малолетниците информации за алкохолот и дрогата, совети за тоа како да се прикријат нарушувањата во исхраната, па дури и да помогне при пишување проштално писмо, пишува Euronews.

Според истражувањето на организацијата Common Sense Media, повеќе од 70 проценти од американските тинејџери користат четботови со вештачка интелигенција како форма на дружење, додека речиси половина од нив редовно разговараат со виртуелни соговорници.

Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, самиот призна дека компанијата го проучува феноменот на „емоционална прекумерна зависност“ од вештачката интелигенција, кој е сè поизразен кај младите.

Четботот нема да лажира емоции
За да се намали ризикот од создавање емоционална врска, ChatGPT за тинејџери нема да сугерира дека има лични чувства кон корисникот или да имплицира дека тој е свесен за или доживува емоции.

Според OpenAI, ова е дополнителна заштита покрај веќе постоечката забрана за романтични и сексуални разговори.

„Анализиравме кои одговори или сигнали би можеле да го поттикнат тинејџерот да развие емоционална врска со моделот“, рече Алисон Мишкин, раководител на одделот за развој на децата во OpenAI.