Операторот Албафон го одложува стартот со работа

22

3f905626-de1d-48e1-89f5-036d10cfce68-546x272Компанијата Албафоне го пролонгира стартот со работа до завршување на почнатите интерконекциски преговори.

“Албафоне ги заврши сите планирани активности за почнување со работа на македонскиот пазар на телекомуникациски услуги. Како што најавивме, завршена е исклучително голема работа со цел да се обезбеди квалитетна понуда и покриеност на целата територија од државата, а пред се во интерес на сите потенцијални клиенти. Меѓутоа, истовремено поради интерконекциските преговори кои се во тек, Албафоне е принудена, непланирано, да го пролонгира својот старт до нивно завршување во текот на наредните неколку недели”, се вели во соопштението од компанијата.

Според компанијата, станува збор за усогласувања и преговори што интензивно ги води со постоечките големи мобилни оператори во Република Македонија околу, како што наведува, постигнувањето меѓусебни интерконекциски договори, чијашто деликатност бара дополнително време надвор од нашата претходно зацртана динамика за работа.

Во соопштението се додава дека Албафоне е целосно подготвена да ги понуди своите телекомуникациски услуги на овдешниот пазар. Притоа, веќе се завршени и сите системски и мрежни тестирања, а воедно целосно е подготвен и широк сет услуги (заедно со сите пропратни елементи) што Албафоне планира да им го понуди на корисниците, како физички лица, така и правни субјекти во Република Македонија.

Инаку Албафоне требаше од овој месец да работи како четврти мобилен оператор во Македонија. Плановите за работа на македонскиот пазар компанијата ги објави на почетокот на минатиот месец.