Операторот Вип го одбележа шестиот роденден

26

f4e9762a-0bf3-4dd4-baf6-4dab79bfc95aМобилниот оператор Вип вчера ја одбележа шестата година од влезот на македонскиот пазар со раст во сите сегменти.

Базата на активни корисници на Вип надмина 620.000, што ја зацврсти компанијата како втор најголем мобилен оператор во земјава со пазарен удел од над 28% и обезбеди стабилен раст на приходите.

“Благодарение на револуционерните промени што ги воведуваме уште од првиот ден, Вип силно го раздвижи македонскиот телекомуникациски пазар и успеа да го збогати и издигне целокупното корисничко искуство на едно сосема повисоко ниво”, изјави генералниот извршен директор на Вип, Никола Љушев.

Покрај посветеноста на целиот тим за интензивниот раст на Вип во изминатиот период и освојувањето на довербата кај корисниците, заслужни се и обемните инвестиции кои надминаа вкупна вредност од 135 милиони евра. Овој процес продолжува во континуитет за што говори и најновото вложување во изградба на 4G мрежа, каде Вип веќе вложи над 10 милиони евра за добивање на лиценцата.

“Имаме одлична стартна позиција во воведувањето на најнапредната 4G технологија со оглед на тоа што пред една година инвестиравме во новата 3G ХСПА+ мрежна платформа на која со соодветна софтверска и хардверска надградба ќе бидеме во можност, покрај 3G ХСПА+ паралелно да обезбедиме и 4G услуги, што ќе биде нова значајна придобивка за корисниците на напредни мобилни комуникации во Македонија”, истакна Љушев.

Покрај вложувањата во градење на долгорочен партнерски однос со корисниците и во севкупниот деловен успех на компанијата, Вип ја продолжија традицијата на обезбедување поддршка на спортот, културата, здравството и други проекти од интерес на пошироката заедница. Како пример за ова е поддршката на Македонската ракометна федерација и Интернационалниот фестивал на филмската камера Браќа Манаки со кои Вип го продолжи своето долгорочно партнерство.