Oppo ќе прави сопствени чипови за паметни телефони

16
Closeup of electronic circuit board with CPU microchip electronic components background

„Ако нема чипови, ќе си правиме сами“, се чини дека велат некои ИТ производители. Кинески Oppo, исто така, одлучи да развие сопствени чипови за своите мобилни телефони од висока класа.

Oppo планира да лансира сопствени SoC во 2023 или 2024 година, „во зависност од брзината на развојот“, објави The Verge. Компанијата има намера да ја користи напредната 3-nm технологија на TSMC за своите чипови.

Доколку се остварат плановите, Oppo ќе биде уште еден голем производител на паметни телефони што ќе ја преземе контролата врз SoC дизајнот. Ова веќе го направија Google, Apple и Samsung.

Oppo во моментов користи чипови од Qualcomm и MediaTek, како и сите други кинески производители на паметни телефони по американските санкции против Huawei. Xiaomi дизајнираше и лансираше SoC од ниска класа наречен Surge S1 за својот „евтин“ телефон Mi 5C во 2017 година, но оттогаш напорите за дизајн на чипови се ограничени на секундарни компоненти како што се процесори за слики.

Oppo е еден од најбрзорастечките азиски производители на паметни телефони. Се вели дека поради заедничките синџири на снабдување, ако Oppo започне да произведува сопствени чипови, тие може да најдат место во телефони од други брендови.