Општините во просек наплаќаат по 81% од данокот на имот, општина Центар прибира 2,3 милиони евра годишно, а Арачиново нула

30

Сите општини заедно, просечно годишно наплатуваат по 1,3 милијарди денари, односно 21 милион евра за данок на имот од граѓаните и од фирмите. Просечната годишна наплата на овој данок се движи околу 81%, посочуваат резултатите од истражувањето и базата на податоци на пресметан и наплатен данок на имот за сите општини за 2017, 2018 и 2019 година што ги објави денеска Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Значително поголем дел од данокот на имот, се посочува, се прибира од граѓаните, 70%, додека од правните лица, односно од фирмите се прибираат останатите 30 %. И успешноста во наплатата е поголема кај граѓаните и изнесува 85%, а кај фирмите се наплатува по 78% од пресметаниот данок.

Во анализираните три години, односно 2017, 2018 и 2019 година постои зголемување на износот на наплатен данок на имот. Сепак, за разлика од 2018 година кога порастот во однос на претходната година бил 12,5%, во следната 2019 порастот бил само 2,5%.

“Најголеми приходи од данок на имот има скопската Општина Центар, по околу 2,3 милиони евра годишно, а најмали, односно без приходи по овој основ е Општина Арачиново која не ни наплатува ваков данок, бидејќи нема база на податоци на даночни обврзници, ниту има формирано даночно одделение, поради што и не издава даночни решенија. Само десетте градски скопски општини прибираат половина од цел данок на имот што се прибира на ниво на држава. Најуспешни во наплатата на овој данок се Росоман и Ресен, најмалку успешни, Студеничани и Маврово и Ростуше. По региони, највисок процент на наплата на овој данок има кај општините од Вардарскиот регион, а најнизок од Полошкиот регион, наведуваат од Центарот за граѓански комуникации.

Истражувањето е реализирано во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.

Фото: Pixabay