Европската челична индустрија во средата ја повика Европската комисија да преземе итни мерки за помош на секторот, велејќи дека опстанокот на целата индустрија е доведен во прашање.
На ЕУ и треба солиден план за европскиот челик кој ќе вклучува трговија, прилагодување на надоместоците за „увоз“ на јаглерод и за енергија, како дел од поширокиот пакет предлози за да им се помогне на компаниите да ја постигнат целта за јаглеродна неутралност до 2050 година.
„Часовникот веќе отчука на полноќ“, заклучува Еурофер во соопштението.
Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен вети дека во првите 100 дена од новиот мандат, кој започнува во декември, ќе претстави пакет мерки „Чиста индустриска зделка“.
Еурофер потсетува дека глобалниот вишок на капацитет за производство на челик лани достигна 551 милион тони, што е четири пати повеќе од годишното производство на челик во ЕУ.
Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) проценува дека до 2026 година вишокот ќе се зголеми за уште 157 милиони тони.
Во петте години до 2023 година, производството на челик во ЕУ се намалило, пишува Хина, за 34 милиони тони, искористеноста на капацитетите паднала на 60 отсто, а увозот сега сочинува 27 отсто од пазарот на ЕУ.
„Деиндустријализацијата на Европа се забрзува, а секторите челик, производство на автомобили, обновливи извори на енергија и батерии се балансираат на работ на колапс“, нагласува Еурофер.
„Доколку нешто не се преземе итно, европската производна база ќе исчезне“, велат тие.