Оптимизам, стратегија и акција се потребни за раст и развој на компанија

207

tabla

Фото: Pixabay

Стратегија за раст и развој на компанијата треба да се прави за период од три години, меѓутоа треба да се ревизира секоја година. Но, во зависнот од дејноста на компанијата, може да се прави и на период од 6 месеци. Никој не може со сигурност да предвиди какви ќе бидат економиските токови и затоа е потребна ревизија, па дури и промена на стратегијата.

“За да се постигне успех во планираниот развој, прво треба да се одредат главните цели, да се постават параметрите што сакате да ги постигнете и од каде ќе тргнете. И во тој сегмент потоа ќе ги набавите потребните ресурси, дали се тоа човечки или материјални, се калкулираат во сегментот на мерливи нешта и се оди во акција”, вели Муарем Муртезани, генерален менаџер на Алма – М.

Меѓутоа, не е така едноставно. Стратегија без реализација е егзекуција. Откако ќе се роди идејата за развој на компанијата, потребно е да се изнајде начин како таа би можела да се спроведе.

“Во случај на раст и развој на една фирма, има онолку одговори колку што има и фирми веројатно. Меѓутоа може да се најдат одредени заеднички точки, каде што се препознава слично однесување на фирми коишто стабилно се развиваат. Според мене клучот е разновидност на производи и пазари кон кои се пристапува. Така, ако имате еден производ, имате ситуација каде што доколу не успеете на пазарот, нема да успее и фирмата. Но, ако имате повеќе различни производи кои адресираат повеќе различни пазари, поголема е веројатноста дека долгорочно ќе си обезбедите раст и развој, од една страна. Но, од друга страна, за да стигнете до таков тип на ситуација, пожелно е да се охрабрува иновативноста во компанијата, односно да се бара најдоброто од вработените. Да се бараат идеи, не само кај основачите, туку и вработените да бидат вклучени во процесот на креирање на нови идеи и нови бизниси“, смета Илијанчо Гаговски, основач на PrymApps.

Променливоста на економските токови во пазарни услови, не дозволува да се прави стратегија за раст и развој на долгорочен период. Затоа треба буџетскиот план на расходи и трошоци да се прави секоја година. Потребно е да се прави ревизија на извештаите од работењето неделно, месечно и годишно. Патот кој треба да се изоди за да се развие компанијата, треба да биде исполнет со оптимизам и силна визија.

“Стратегијата на бизнисот би се свела на тоа дека и во различни околности секогаш постои можност за раст и развој, кој може да се управува преку разработена стратегија и добро планирање. Денешниот амбиент за раст и развој на бизнисот можеби е неблагодарен, меѓутоа правилата на капитализмот, на либералната економија се променети, односно или се развиваш и одиш напред или одиш назад. Нема статус кво ситуација, во која ќе бидеш задоволен или ќе се оправдуваш со надворешните влијанија. И тргнувајќи од тоа, мора да се направи стратегија и план за раст и развој на компанијата, и да се влијае на иднината и да се креира вредност понатаму“, вели Робин Зимбаков, основач, директор и ко-сопственик на Солопром.

Од идеја до реализација, потребни се стратегија, континуирано следење на пазарот и прилагодување на новонастанатите состојби, оптимизам и секако, акција.