Ортаци

138

ortaci

Фото: Pixabay

Победничка компанија – Од било каде, до врвот

Често размислувам на тема што се најголемите проблеми на младите компании. Типичните одговори – пари, пазар и идеја – се општо познати. Она што е помалку обработувано е проблематиката на основачот. Самиот сум основал неколку коммпании, сум бил со-основач во неколку, а сум работел со многу компании во кои имало еден или повеќе основачи. Прашањето ми е дали еден човек е доволен да ги понесе сите ризици на отворање и водење компанија или е потребен тим? Дали основачот е подготвен да го крчи патот сам низ непознатиот терен или му е потребна помош? Со еден збор, дали да се оди соло или со ортак/ортаци?

Искрено, немам мислење за тоа што е подобро. Знам многу примери кога ортаклукот не успеал, ама знам и за многу случаи каде се покажал како успешен. Тешко е да се извлече заклучок за тоа дали поединец или тим се поуспешна варијанта. Секој пристап има свои добри и лоши страни.

zvonko

Еве какви видови партнерства имам сретнато досега: танго, руска тројка и џез квартет. Ова се мои имиња кои ја отсликуваат природата на партнерството. Нешто повеќе за секој од нив.

Танго. Се работи за двајца ортаци. Едниот „лета“, другиот „цврсто стои на земја“. Првиот е одговорен за надворешни работи, а вториот за внатрешни. Првиот е лицето на компанијата, обично Главен извршен директор (или, Управител по нашки), а вториот е тој што одржува ред и дисциплина внатре во компанијата – обично Технички директор. Ама еден без друг не можат, за танго треба двајца. Скоро секоја одлука мора да биде донесена заеднички. Или, сите иницијативи кои доаѓаат од првиот, мора да бидат аминувани од вториот.

Руска тројка. Се работи за тројца ортаци. Тие не се наредени еден зад друг туку се скоро на иста линија. Ортаците привидно влечат во различни правци ама резултантата е сепак „ напред“ – чиста физика, оските се така направени што средниот (Извршниот директор) дава такт и врши корекции доколку некој од двата странични „коњи“ застрани. Крајно левиот ортак ита, гледа само напред и опасно притиска (обично одговорен за стратегии или маркетинг); крајно десниот кочи и во сé гледа опасност (обично одговорен за финансии). Во носење на одлуките учествуваат сите тројца, ама зборот на средниот има најголема тежина.

Џез квартет. Се работи за четворица ортаци. Секој ортак има различни силни и слаби страни ама меѓу себе одлично се надополнуваат и така ги елиминираат своите недостатоци. Првата позиција ротира од еден на друг партнер – нема „прва виолина“ туку секој во определен момент ја презема водечката позиција, во зависност од природата на она што е најважно за компанијата во тој момент. Значи секој ортак има своја соло-партија, ама поголемиот дел од времето сите заедно настапуваат во хармонија. Одлуките обично се носат со консензус.

Ова се добри комбинации на партнери, ама за секоја од нив постои опасност да стане лоша. Воопшто не е тајна дека партнерството е нужда, а не љубов. Шега: твојот партнер во компанијата и компанискиот адвокат се дават. Исправени сте пред дилема: дали да одите на вечера или во кино!

Еве во што можат да се претворат партнерствата:

– Тангото може да премине во распар, каде едниот партнер гази врз кондурите на другиот и се сопнуваат еден од друг. Играта нема везе со музиката, компанијата губи осет за пазарот и клиентите. Исходот е: секој на своја страна, поделба на компанијата.

– Руската тројка може да премине во триумвират, каде се јавуваат многу скриени борби меѓу партнерите. Наместо заедно да влечат, се јавуваат подметнувања, насанкувања и политики. Компанијата е растргната на сите страни. Исходот може да биде различен: или некој од тројката да напушти и да останат само двајца, или пак се бара трет партнер.

– Џез квартетот може да премине во раштиман оркестар, каде секој од партнерите е во свој филм, а компанијата незапирливо оди надолу. Исходот има многу можни варијации во смисла на промена на партнерите.

Нема потреба од драматизирање – партнерствата доаѓаат и си одат. Не е крај на светот ако дојде до кавга меѓу партнерите и ако се раздвојат. И во животот е така – со ставање потписи во матично, сте го достигнале максимумот во релациите со својот партнер. Согласноста да живеете со некого „и во добро и во лошо додека смртта не ве раздели“ е врвот. Оттука, патот води само надолу. Не велам дека мора да оди надолу – бракот може да трае додека еден од партнерите не умре. Ама со сигурност знам дека нема одење нагоре. Слично е и во бизнисот – со ставање потписи во некаков си регистер, се согласувате дека ќе делите добро и лошо со партнерот. Тоа е врвот, а оттаму има само надолу. За среќа, во бизнисот постои решение за проблемите на партнерството – компанијата да стане берзанска и партнерството да премине во акционерство. Чисти сметки, долга љубов.