Осигурување Македонија – Виена Иншуренс Груп слави 70 години постоење

27

viena os

Првата осигурителна компанија во Македонија, Осигурување Македонија – Виена Иншуренс Груп, слави 70 години постоење.

“Да се биде најстара осигурителна компанија во Македонија носи со себе една одговорност на пионер во осигурителниот бизнис во Македонија, кој секогаш ги прифаќал новитетите и бил чекор пред другите. Во суштина нашата улога во осигурителната дејност секогаш била лидерска”, велат од компанијата.

Компанијата во изминатите 70 години промени повеќе имиња. Некои од нив сè уште се популарни кај граѓаните, како ДОЗ, ЗОИЛ, АДОР Македонија, КЈУБИ, а денешното име Осигурување Македонија –  Виена Иншуренс Груп го доби откако стана дел на групацијата Виена Иншуренс Груп.

“Минатата 2014-та година беше прва цела година во која нашето Друштво работеше како член на Виена Иншуренс Груп. Можеме слободно да кажеме дека целосно се инкорпориравме во групата, лесно се приспособивме кон нејзината култура, но тоа и беше очекувано со оглед на фактот дека нашето Друштво припаѓа кон меѓународни корпорации веќе 14 години”, стои во соопштението.

Во овие седум децении осигурителната куќа има преземено ризик за над 200 милиони објекти на осигурување и има исплатено над 5 милиони разни предмети по настанати штети на клиентите. Во поново време, од осамостојувањето до денес има полисирано над 22 милијарди денари премија и исплатено над 14 милијарди денари отштета за правни и физички лица.

„Важна карактеристика на компанијата беше и останува подготвеноста секогаш навреме да се надоместат обврските кон осигурениците. Впрочем, сите ние во компанијата сме сериозни луѓе и одржувањето на дадениот збор секогаш ни беше и ќе биде врвен приоритет. Вкупните постојани средства кои се далеку највисоки на осигурителниот пазар, реосигурителното покритие кај реосигурувачи со рејтинг од А+, како и високиот професионализам на нашите вработени се уште една наша предност која ни овозможува да опстоиме толку долго на пазарот и секако да продолжиме уште подолго“,  изјави г-дин Бошко Андов , претседател на УО и генерален менаџер на Осигурување Македонија.

На настанот присуствуваше и претседателот на Надзорниот одбор на ВИГ, Петер Франц Хофингер.

Осигурување Македонија оваа година ја стартуваше со нов корпоративен слоган “Тука сме”, кој носи порака до сегашните и потенцијалните клиенти, дека нудат грижа за корисниците, безрезервна сигурност со сериозност, блискост и посветеност.