Осми јуни работен ден за сите институции коишто не работеа на седми мај

47

Фото: Pixabay

На последната седница, Владата на Република Северна Македонија донесе одлука на осми јуни (сабота) да се одработи седми мај, ден којшто беше прогласен за неработен поради посетата на Папата Франциск, стои во соопштението.

Тоа значи дека осми јуни е работен ден за сите вработени во државната и јавната администрација на територијата на Град Скопје, за вработените и за учениците во основните и во средните училишта на територијата на Град Скопје коишто го немаат одработено овој ден во претходниот период, како и задетските градинки и здравствените установи на територијата на Град Скопје, кои од Министерството за труд и социјална политика и од Министерството за здравство ќе добијат планови за работењето во овие дејности.

Исто така, Владата препорачува одлуката за одработување на седми мај на осми јуни, да ја спроведат и општините во градот Скопје и Градот Скопје.

Истовремено, доколку претходната препорака на Владата за седми мај да биде неработен ден била спроведена од страна на приватниот сектор, сега Владата на приватниот сектор му препорачува тој ден да се одработи на осми јуни (сабота).