Oснова компанија со 500 долари и двајца вработени, ЕY ја прогласи за претприемничка на годината

306

Доктор Киран Мазумдар – Шав, извршна директорка на индиската компанија Biocon е прогласена за нова Ernst & Young (ЕY) Светска претприемничка на годината на виртуелна церемонија на доделување на наградите. Киран е избрана за победник меѓу 46 претприемачи од 41 земји во светот. Во изминатите 20 години, колку што оваа светска награда за претприемништво се доделува, Киран е трета добитничка на наградата од Индија, а втора жена која ја освоила титулата.

Киран (67) ја основала Biocon уште во 1978 година со само 500 долари и двајца вработени.

Таа започна со производство на био-ензими во гаражата на нејзината изнајмена куќа во Бангалор, Индија. Една година подоцна, Biocon стана првата индиска компанија што извезува ензими во САД и Европа. До денес, Biocon прерасна во една од најуспешните и најиновативни биотехнолошки компании во Азија, вработувајќи повеќе од 11.000 луѓе и генерира приход од 800 милиони долари, оставајќи трајно влијание врз глобалната здравствена заштита. Благодарение на Biocon, на милиони луѓе кои живеат со дијабетес денес им е достапен инсулин.

“Да се биде претприемач значи да се решаваат проблеми. Најголемите прилики често се јавуваат во најтешки времиња, а такво беше моето искуство во мојот претприемнички пат. Мојот фокус во работењето е глобална здравствена заштита и овозможување на универзален пристап на лекови кои спасуваат животи, меѓутоа, мојата одговорност како претприемничка е многу поголема од самото создавање на вредност за акционерите. Создавањето на богатство може да поттикне промени и сметам дека сите претприемачи имаат одговорност кон светот и околината во која работат. Жените, исто така, имаат исклучително важна улога во економскиот развој и нивниот придонес предолго се занемарува“, изјави Киран.

Фото: Facebook