Основана менаџерска школа за инженери во Македонија

46

Институтот за Истражување во животна средина, градежништво и енергетика ИЕГЕ оваа година ја основа првата Менаџерска школа за инженери во Македонија – МИМ, стои во соопштението.

Оваа школа, како што се наведува, ќе биде единствена од ваков тип не само во Македонија, туку и во регионот, со оглед на тоа што опфаќа специфична целна публика –  инженери од сите области кои имаат потенцијал и јасна визија да се насочат кон менаџерски и лидерски позиции.

Програмата се однесува на професионален развој за менаџмент во инженерството и лидерски вештини и е специјално креирана согласно потребите што ги имаат инженерите кои сакаат своето постојно искуство да го надградат со фокусирано знаење кое има значајно влијание во нивната идна кариера.

Филозофијата за успех е спој на експертизата и стручноста со начинот и стил на работење, менаџирање на самиот себе, тимот и вработените. Тоа што школата го нуди е синергија помеѓу овие елементи и на тој начин креира кадри конкурентни на локалниот, но и регионалниот пазар.

Програмата се состои од девет модули, кои се поделени на две нивоа, индивидуално и организациско и се однесуваат на личен и професионален развој. Модулите ќе бидат водени од експерти во своите области – дел од Македонија, дел од Европа. Тие ќе користат интегриран пристап со најновите наставни методи на учење кои ќе обезбедат стратешко разбирање на можностите и предностите за долгорочен успех во бизнисот. Секој модул ќе биде комбинирано учење – комбинација на е-учење и учење во училница, со учење насочено кон ученикот. Тоа што е посебно за оваа програма е тоа што е наменска, развиена врз основа на принципите на образованието на возрасни, користење на методи и техники кои помагаат за развој на нови знаења и вештини.

Менаџерската школа ќе започне во септември 2016 година, каде 20 инженери ќе добијат можност бесплатно да бидат дел од првата група на инженери кои ќе се стекнат со знаење за менаџмент во инженерството и лидерски вештини.

Со успешно завршување на менаџерската школа за инженери учесниците ќе се стекнат со меѓународен сертификат издаден од најдобрите тренинг центри од Австрија и Полска.

Оваа менаџерска школа е дел од проектот Курсеви по менаџмент и лидерски вештини за инженери финансиран од ЕУ програмата Еразмус + за градење Стратешки партнерства во областа на образованието на возрасни.