Особини на добриот ментор

133

Ментор е личност која дава поддршка, насоки и повратни инфомации што се неопходни за напредок во кариерата. Тие најчесто го поминале истиот пат по којшто во моментот го очекува претприемачот, па споделените искуства би му биле особено корисни.

Имаат релевантни вештини и знаење

Важно е менторот што ќе ве води да има стручност, знаење и вештини што ќе може на адекватен начин да ви ги пренесе. Во исто време, тој има моќ да ве турка напред, да ве охрабрува бидејќи се потпира на сопственото искуство и моќ. Иако не е пресудно, сепак е препорачливо менторот да биде 10-тина години постар од вас или да има побогато и поголемо искуство од вашето. Така ќе бидете сигурни дека добивате стручни совети од соодветен професионалец.

Сака да го сподели своето знаење и искуството

Вистинскиот ментор никогаш нема задршка кога е во прашање споделување на знаење, вештини и стручност. Ако забележите дека менторот е воздржан, тогаш најверојатно не ја добивате помошта од вистинско место. Менторот не смее да манипулира, туку на транспарентен начин да го пренесе она што го знае.

Бара, но и знае да почитува

Вистинскиот ментор не бара само да биде почитуван, туку и почитува во исто време. Не треба да се постави како личност која знае сè, која треба сите да ја слушаат и мирно да климаат со глава. Напротив, тие имаат доблест да ги почитуваат оние кои учат од него, а во исто време и да прифати сугестија и критика од нивна страна. Само со таква спрега на комуникација се овозможува квалитетен однос и постигнување на целите.

Покажува емпатија

Иако менторот не е неопходен цело време додека функционира бизнисот, тој не смее да се става себе во надредена позиција. Напротив, покажува разбирање, желба за соработка, потреба да пружи поддршка, не го штеди сопственото време, ги става на располагање сите ресурси со коишто располага. Добриот ментор не се плаши од конкуренција, туку сака и сите свои контакти, врски и познанства да ги стави во служба на компанијата што има потреба од него.

Фото: Pexels