Што е менторство?

1379

Поимот ментор не е од поново време, а за прв пат се појавува во грчката митологија со значење водич или учител.

Еден успешен ментор секогаш мора да има предвид дека во ситуацијата не се работи за него, туку за оној кој го менторира. Важно е менторот да ги слуша неговите грижи, стравови, проблеми и предизвици за да може да ја понуди неопходната помош и поддршка.

Една стара поговорка вели: “Дај му на човек парче риба и нахрани го тој ден. Научи го човек да лови риба и ќе го нахраниш за цел живот“. Рибата е одговорот на сите прашања, недоумици и проблеми што ги има оној кој има потреба од менторот. Задача, пак, на менторот ќе биде да му ја предочи “највкусната риба“ на својот клиент.

Независно од тоа дали започнувате бизнис, развивате бизнис идеја, ја проширувате дејноста, воведувате нов производ, се ширите на нов и непознат пазар… советите од луѓе кои се професионални, стручни и искусни секогаш ќе ви бидат добредојдени. Нивните совети се базираат на спој од знаење, вештини, умеење, но и големо искуство.

Освен совети, насоки за движење по патеката на успехот, од менторот се очекува и блага острина во форма на добронамерни критики што треба да предочат кога нешто што се прави не е во ред.

Една од најдобрите карактеристики што ги имаат добрите ментори е да им помогнат на оние кои имаат потреба од помош. Успехот подразбира баланс меѓу сослушување, советување и грубост доколку е потребна. Кога некој сопственик ќе стекне успех, често пати околу себе создава група на луѓе кои послушно ја наведнуваат главата и го кажуваат она што нивниот газда сака да чуе. Добриот ментор никогаш не се става себе во таква позиција, туку ја кажува вистината секогаш базирана на докази и негово претходно искуство.

Фото: Pixabay