Остануваат само два милиони биткоини за рударење – Експертите веќе знаат кога ќе биде крајот

137

Бројот на биткоини кои беа „ископани“ и пуштени во оптек достигна 19 милиони, јавува Агенција Анадолија (АА).

На денот на настанување на биткоинот 3. јануари 2009 година, бројот на биткоини во оптек беше само 50, а овој број константно се зголемува. Кога бројот на биткоини ќе достигне 21 милион, рударењето ќе престане.

Зголемувањето на бројот на биткоини во оптек го прават таканаречените „рудари“ (копачи) преку специјално дизајнирани уреди.

Експертите предвидуваат дека производството на биткоинот ќе заврши до 2140 година, бидејќи тоа се преполовува во просек на секои четири години.

Иако трошоците за „рударењето“ се зголемуваат со текот на времето, зголемувањето на вредноста на биткоинот споредбено со изминатите години предизвика зголемување во приходот на „рударите“.

Вкупниот приход што тие го создадоа на мрежата на биткоин минатата година беше повеќе од 15 милијарди долари.

Биткоинот е најпопуларен меѓу криптовалутите со пазарна капитализација од повеќе од 870 милијарди долари, поради што го привлекува вниманието и на инвеститорите и на рударите.

Криптовалутата, која го достигна својот историски врв кога нејзината вредност надмина 68.000 долари во ноември минатата година, во последните недели се тргуваше по цена од околу 40.000 долари.