Остар неделен пад на цената на нафтата

20

Минатата недела цената на нафтата падна за околу 7 отсто, бидејќи трговците се загрижени поради забавувањето на растот на најголемите светски економии, што ја ослабува побарувачката за „црното злато“.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела потона за 7,3 отсто, на 82,96 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 6,8 отсто, на 78,11 долари.

Ова е најголем неделен пад на цените во последните три месеци. Трговците минатата недела беа загрижени од пораките на американската централна банка дека, поради високата инфлација, може да ги задржи каматните стапки на покачени нивоа подолго време отколку што очекуваше пазарот.

До неодамна се очекуваше дека ФЕД агресивно ќе ги намали каматните стапки оваа година, почнувајќи од јуни, но се чини дека овој потег би можел да се случи дури наесен. Ова предизвика страв од слабеење на активноста во САД, но и во други делови од светот, што може да ја намали побарувачката за енергетски производи.

А дека побарувачката во САД е слаба покажаа во средата податоците за неочекувано големо зголемување на залихите на нафта една недела претходно, за цели 7,3 милиони барели. Аналитичарите очекуваа многу поскромниот раст, за 1,1 милион барели.

„Залихите на нафта навистина пораснаа и во овој период од годината треба да паѓаат бидејќи се преработуваат повеќе барели“, објаснува Боб Јавгер од јапонската банка Мизухо.

Поголем пад на цените спречија сигналите дека Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници би можеле да ја задржат политиката на намалување на производството во втората половина од годината, по 1 јули, доколку побарувачката не зајакне. Моментално го намалуваат за 2,2 милиони барели дневно.

Групацијата ќе ја разгледа производната политика на состанокот на 1 јуни. Главно поради геополитичките тензии на Блискиот Исток, од почетокот на годината цената на нафтата на лондонскиот пазар е зголемена за околу 7 отсто, а на американскиот пазар за повеќе од 7,5 отсто.