Остар пад на доларот, златото поевтини

67

На девизните пазари драстично падна вредноста на доларот во однос на кошничката валути.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 103,80 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 104,26 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута потона од вчерашните 158,50 на 155,40 јени, што е најниско ниво во последните шест недели.

Ваквиот остар пад на курсот на доларот е последица, според трговците, на новите интервенции на јапонските монетарни власти за запирање на слабеењето на јенот.

Американската валута исто така ослабе во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0940 долари, додека вчера во ова време беше 1,0925 долари.

Во фокусот на инвеститорите денеска ќе биде средбата на лидерите на Европската централна банка. Не се очекува дополнително намалување на каматните стапки.

Цените на нафтата, пак, пораснаа втор ден по ред. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава се зголеми за 0,42 отсто, на 85,45 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,65 отсто, на 83,40 долари.

Откако вчера достигна рекордно високо ниво од 2.478 долари за унца, цената на златото утринава се движи околу 2.460 долари.