
Саудискиот државен нафтен гигант Арамко забележа профит од 30,08 милијарди долари (28,05 милијарди евра) во вториот квартал од оваа година. Ова е за 38 отсто помалку од истиот период минатата година, кога достигна рекордни 48,4 милијарди долари (44,08 милијарди евра) поради високите цени на нафтата по руската инвазија на Украина.
Како што објасни компанијата во денешното соопштение, пренесено од француската новинска агенција АФП, вториот последователен квартален пад на добивката првенствено го одразува влијанието на пониските цени на суровата нафта и пониските маржи. Во првиот квартал од оваа година добивката падна за една петтина на годишно ниво и достигна 31,9 милијарди долари.
„Нашите силни резултати ја одразуваат нашата издржливост и способност да се прилагодиме на пазарните услови. Ние продолжуваме да ја докажуваме нашата долгогодишна способност да ги задоволиме потребите на клиентите ширум светот со висок степен на доверливост. За нашите акционери, планираме да започнеме со исплата на нашите први дивиденди поврзани со перформансите во третиот квартал“, рече извршниот директор на компанијата Амин Насер во изјавата.
Производството од најголемиот светски извозник на сурова нафта падна во вториот квартал, откако официјален Ријад објави намалување на производството за 500.000 барели дневно во април. Одлуката за намалување на залихите, што влијае на растот на цената на нафтата, дојде како резултат на координација со другите нафтени сили.
Во јуни, саудиското Министерство за енергетика објави дополнително намалување од 1 милион барели дневно, кое стапи на сила во јули и беше продолжено до септември минатата недела.
Повисоките цени на нафтата се клучни за Саудиска Арабија во финансирањето на опсежните реформи кои имаат за цел да ја оддалечат економијата од фосилните горива. Според аналитичарите, на кралството му е потребна цена на нафтата од околу 80 долари за барел за да се балансира буџетот. Цените во моментов се над тој праг, што значи дека влијанието на неодамнешните намалувања на производството е веќе видливо.
Дневното производство на Саудиска Арабија моментално е околу девет милиони барели, што е далеку под нејзиниот дневен капацитет од 12 милиони барели.
Арамко, кој е 90 отсто во државна сопственост, објави рекорден вкупен профит од 161,1 милијарди долари минатата година, со што Саудиска Арабија го доби првиот годишен буџетски суфицит по речиси една деценија.











