Остар пад на Волстрит

81

На Волстрит, цените на акциите нагло паднаа во понеделникот, при што индексот S&P 500 падна под 4.000 поени за прв пат по повеќе од една година, бидејќи инвеститорите не се сигурни колку ФЕД сè уште ќе мора да ги зголеми каматните стапки за да ја спречи инфлацијата.

Dow Jones се лизна за 653 поени или 1,99 отсто, на 32.245 поени, додека S&P 500 потона за 3,20 отсто на 3.991 поени, а индексот Nasdaq 4,29 отсто на 11.623 поени.

S&P 500 потона, за прв пат од март минатата година, под нивото од 4.000 поени и сега е намален за 16,3 отсто од почетокот на годината.

Остриот пад на цените на акциите трет ден по ред се должи на стравувањата на инвеститорите дека американската централна банка ќе мора да биде поагресивна во затегнување на монетарната политика отколку што се очекуваше за да ја спречи инфлацијата, која е на највисоко ниво во последните 40 години, пренесува Bankar.me.

ФЕД минатата недела ги зголеми каматните стапки за 0,50 отсто, откако во март ги зголеми за 0,25 отсто.

Претседателот на ФЕД Џером Пауел минатата недела изјави дека на следните седници ќе се разгледува зголемувањето на каматните стапки за 0,50 отсто.

Според тоа, на пазарот на пари се проценува дека до јули основната каматна стапка на ФЕД ќе биде меѓу 1,75 и 2 отсто, додека сега е меѓу 0,75 и 1 отсто. До крајот на годината може да биде околу 3 отсто.