Турција може да биде избрана како локација каде што ќе се уништуваат остатоците од бродот Коста Конкордија, изјавија од италијанската Агенција за цивилна заштита, додавајќи дека одлуката кое пристаниште ќе се користи за оваа цел ќе биде донесена во мај, пишува турскиот весник Хуријет.
За остатоците на овој брод се борат пристаништа во Италија, Велика Британија, Франција, Норвешка и Турција.
Иако Норвешка би била најевтината опција, Италија ја отфрли бидејќи стравува дека при транзитот на оштетениот брод може да дојде до оштетувања на животната средина.
“Турското решение ќе чини 29 милиони евра, додека италијанските понуди – од пристаништата Civitavecchia во близина на Рим, Piombino во Тоскана и Џенова на северот – се многу поскапи”, изјави шефот на агенцијата, Франко Габриели.
Civitavecchia, најблиското пристаниште на островот Џилио, каде што Коста Конкордија се насука во карпите во јануари 2012 година, побара да ја заврши работата за 200 милиони евра, додава Габриели.
Во септември минатата година, по цели 19 часа, крузерот Коста Конкордија беше конечно исправен. Во несреќата загинаа 30 лица, а две се сметаат за исчезнати. Во моментот на несреќата, на бродот имаше 4.229 патници.
Остатоците од бродот тежат 114.500 тони.