Освојте ги талентираните

6

markeri

Фото: Pixabay

Секојдневно сме сведоци на огласи за работа кои горе долу си личат еден на друг и изгледаат отприлика вака:

Реномирана компанија со 10 годишна традиција на македонскиот пазар има потреба од ангажирање на Маркетинг менаџер. Потребни квалификации: ВСС – Маркетинг менаџмент, Најмалку 5 години работно искуство на иста или слична работна позиција, Одличен англиски, Одлични компјутерски вештини, Возачка дозвола Б-категорија. Работни задачи и одговорности: Креирање и спроведување на маркетинг стратегија, зголемување на пазарниот удел на компанијата, организирање на маркетинг кампањи и промоции, развој на нови продукти. Сите заинтересирани нека испратат CV и мотивационо писмо на e-mail: firmaneznamkoja@mailneznamkoj.com.mk.

Звучи навистина одлично, нели. Работата која што е опишана делува навистина интересно. Огласот ни кажува еден куп работи за тоа какви кандидати се очекува да се пријават, но не кажува апсолутно ништо за самата компанија која има потреба од Маркетинг менаџер. Не кажуваат како се викаат, ниту со што се занимаваат. Не кажуваат ниту што тие како компанија очекуваат и нудат за возврат. Не се потрудиле да објаснат кои им се вредностите и што е толку интересно кај оваа работна позиција која што ја нудат. Можеби работодавачот смета дека нема потреба тоа да се знае, а можеби одговорот е ништо.

Добро е кога работодавачите вака добро се брендираат себеси преку огласите за работа кои ги објавуваат и им праќаат силен сигнал на искусните, креативни и самосвесни работобаратели. Вака само ни порачуваат дека нема потреба да си трошат зборови за вистински да им се обратат на потенцијалните вработени. И онака економијата е лоша, невработеноста висока, на луѓето им е потребна работа, па ќе вработиме некого, вака или онака. Се прашувам само како ли пристапуваат кон своите потрошувачи. Кон нив секако внимаваат како комуницираат и каков впечаток оставаат. Па зошто тогаш би било различно како се обраќаат кон своите идни вработени?

Се вели дека очите се прозорци кон душата, па зошто тогаш не би размислиле дека огласите за работа се прозорци кон корпоративната душа. Би требало да си ги поставиме следниве прашања кога ќе пристапиме кон читање на наредниот оглас за работа:

  1. Дали огласот ми кажува нешто повеќе за компанијата освен името на фирмата и индустријата од која доаѓа?
  2. Дали огласот ми кажува зошто работното место е отворено, дали е ново или е упразнето?
  3. Дали огласот ми дава доволно причини да продолжам да го читам – дали ми дава информации што се очекува да се постигне на работното место, кои се можностите за напредување, што е тоа што работата ја прави интересна?
  4. Дали огласот кажува каде фирмата е лоцирана и каде работата се извршува?
  5. Дали огласот за работа зборува за карактерот, односно културата на фирмата што огласува?

Компаниите вложуваат многу за да им се допаднат на своите потрошувачи/клиенти преку правење на рекламни кампањи, настани и сл. Зошто огласите за работа, а огласувањето нели е рекламирање, не ги користиме за истата цел? Дали работобарателите не се доволно вредни за да потрошиме малку време за соодветно да им се обратиме?

Не е тешко да се направи малку поинаков оглас за работа од она на што стандардно сме навикнати. Треба само да научиме да ги гледаме работите малку поинаку и конечно да дадеме појасна слика за тоа што стои навистина зад потребата на компанијата од новиот вработен. На пример, еден оглас за работа би можел да изгледа вака:

Чоко локо е млада компанија која се наоѓа во Дебар маало во Скопје (веднаш до Џубокс) која се занимава со производство на чоколади во уникатни пакувања наменети за персонализирани подароци, расте со 20% годишно, и во моментов имаме потреба од супер интересен тип/типка за Маркетинг која ќе го насочи нашиот тим што баш и не знае многу за маркетинг. По малку сме активни на социјалните мрежи, но тука има уште многу што да се направи, а и нашата веб страница има потреба од унапредување и преуредување. Навистина ни е потребно да ја дополниме нашата датабаза на потенцијални клиенти, а не е лошо и почесто да се појавуваме на разни настани и саеми.

Ви звучи интересно? Ако можете да се видите во нашиот филм и мислите дека можете да не одведете на наредното ниво, тогаш навистина мора да разговараме. Нудиме конкурентна плата, убава канцеларија, флексибилно работно време, мобилен, лаптоп и слично. Ако уште нешто е потребно, отворени сме за сугестии. Ако сте заинтересирани пишете ми на Angelina@cokoloco.com.mk и кажете ми што е она што би промениле на нашата веб страница и зошто.