
Семејството Бас ги продаде Лос Анџелес Лејкерси, но очигледно не се откажале од својата амбиција да останат меѓу највлијателните сопственици во американскиот и европскиот спорт.
Џои и Џеси Бас, најмладите синови на легендарниот сопственик на Лејкерси, Џери Бас, се обидуваат да обезбедат повеќе франшизи во идната НБА Европа преку новооснованата компанија „Buss Sports Capital“.
Нивната групација веќе испрати неколку понуди, а меѓу пазарите за кои се заинтересирани се Лондон, Манчестер и Лион, Франција.
Друга можност е проект во Италија, во кој би можеле да бидат вклучени ѕвездата на Л.А.Лејкерс, Лука Дончиќ, и поранешниот генерален менаџер на Далас Маверикс, Дони Нелсон Џуниор.
Браќата Бас бараат начин да се вратат на позначајна сопственичка улога во професионалниот спорт откако „езерџиите“ беа продадени на финансиерот Марк Волтер минатото лето. Договорот беше завршен со рекордна проценка на франшизата од приближно 8,6 милијарди евра.
Како дел од договорот, нивната сестра Џини Бас задржа менаџерска позиција во тимот од Лос Анџелес најмалку пет години, додека Џои и Џеси продолжуваат да поседуваат акции во клубот.
Комесарот на НБА, Адам Силвер, објави дека одлуките за понудите за НБА Европа треба да се донесат во наредните недели.
Почетокот на новото натпреварување е планиран за октомври 2027 година, а интересот на семејството Бас покажува дека проектот веќе привлекува луѓе со богато искуство во управувањето со најпознатите спортски франшизи во светот.
„Buss Sports Capital“ не сака да се ограничи само на кошарката. Компанијата е заинтересирана и за сопственички удел во бејзбол клубот Сан Диего Падрес, како дел од група предводена од Хозе Фелисијано и Кванча Џонс.
Новите деловни потези дојдоа откако браќата Бас ги загубија своите позиции во Лејкерси минатата есен.
Џои Бас беше извршен директор и претседател на Саут Беј Лејкерс, тим кој игра во Г лигата, додека Џеси Бас беше директор на скаутинг одделот.
Нивното заминување од оперативните структури на клубот беше очекувано по продажбата на Лејкерси на Марк Волтер. Браќата наскоро ја основаа „Buss Sports Capital“, со намера да продолжат да инвестираат во професионалниот спорт и да најдат нов пат до сопственост на големите клубови.
Тој пат сега би можел да ги однесе во Европа, каде што се подготвува создавање лига која има за цел да ги комбинира капиталот на НБА, европските пазари и градовите без традиционално место во врвот на континенталната кошарка.











