
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа најави воведување реципрочни царини со кои ќе се воведат дополнителни царини за земјите што извезуваат стоки во САД, вклучувајќи 34 отсто за Кина и 20 отсто за Европската унија.
Македонија се најде на листата на американскиот претседател Доналд Трамп на која ѝ се воведуваат царини. Од регионот со повисоки царини се Босна и Херцеговина со 35 и Србија со 37 отсто. Царините што се воведуваат за Косово, Албанија, Турција и за Црна Гора се 10 отсто.
Македонија во незгодна позиција
Според економистот, Зоран Витанов, Македонија најмногу извезува текстил и прехрана во САД, што е роба која лесно може да се прилагоди и извезе во други алтернативни пазари. Како што вели тој во изјава за „Локално“, македонските стопанственици ќе мора да се прилагодат на таа одлука.
Витанов не очекува дека Трамп наскоро ќе се предомисли со царинските стапки.
-Баш поради типот на индустријата, моја препорака е дека нашиот текстил и прехрана ќе мора да се сврти кон некои од земјите во БРИКС. Апелирам Владата веднаш и интензивно да започне со билатерални преговори со сите земји од БРИКС за намалување или укинување на царините, посочува економистот.
Според Витанов, Владата може да ја контактира американската администрација и да инсистира на намалување на таа стапка од 33 на 10%.
Фото Pixabay











