Во Франција денеска се откажани преку 1.800 летови поради штрајкот на контролорите на летање, кои се спротивставуваат на плановите на Европската комисија за либерализација на цивилниот воздушен простор, соопшти француската Управа за цивилно воздухопловство.
Портпаролот на Управата изјави дека ситуацијата на аеродромите е мирна и преземени се соодветни мерки за да се овозможи управување со воздушниот сообраќај.
Вчера Управата побара од авиопревозниците да го преполоват бројот на летови на аеродромите во Париз, Лион, Ница, Марсеј, Тулуз и Бордо. Штрајкот ќе трае до четврток.
Синдикатот протестира против планот на Европската унија да го либерализира цивилниот воздушен простор под Единствено европско небо, кој предвидува укинување на националните граници во управувањето со воздушниот простор. Целта е да се овозможи безбедно и ефикасно користење на воздушниот простор и системите на управување со воздушниот сообраќај во границите на ЕУ и надвор од нив.