Откажани сите летови на BH Airlines поради сервис на двата авиона

34

BH Airlines

Сите летови на босанскиот авио превозник BH Airlines се откажани поради сервис на двете летала на компанијата, пишува порталот Аваз.

Еден од двата авиона од типот ATR 72, кој беше оперативен од почетокот на неделата е на редовен сервис, додека другиот авион на компанијата поради долг од 200.000 евра веќе неколку месеци се наоѓа во Германија.

Од BH Airlines велат дека се надеваат на враќање на еден од авионите до крајот на оваа недела.

“Станува збор за редовен сервис на авионите. Очекуваме враќање на авионот што е сервисиран и веќе некое време се наоѓа во Германија“, вели Елвис Жига, претседател на синдикатот на BH Airlines.

BH Airlines ги откажа летовите до 15-ти март, кога авионот што се наоѓа на сервис во Германија се враќа во флотата по редовното сервисирање. Функционирањето на BH Airlines е привремено овозможено во текот на март бидејќи владата на Федерацијата на Босна и Херцеговина постигна договор со лизинг компанијата НЕТА да не ја блокираат сметката на авиокомпанијата поради неподмирени обврски за купување на авиони во износ од осум милиони евра. На компанијата НЕТА ѝ е ветена уплата од околу 250.000 евра до крајот на овој месец.