Откупот на тутунот ќе заврши до крајот на февруари

24

До крајот на февруари ќе заврши откупот на тутунот. Останува да се преземат уште 2.000 до 2.500 тони. Досега се откупени околу 18.000 тони тутун од ланската реколта, со моментна просечна цена од 186 денари, јавува Миа.

Според претседателот на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија Данчо Милески, се остварија прогнозирањата дека реколтата е тешка од 20.000 до 21.000 тони.

Во источниот дел и во Повардарието, вагите од пунктовите се веќе повлечени. Останува откупот да заврши во пелагонискиот регион, во Долнени, Кривогаштани, Прилеп и Крушево.

“Откупните фирми ќе остават по една вага, зашто, сепак, законскиот рок за откупот на тутунот е до 15 март”, изјави Милески.

Во тек се подготовките за новата реколта. Се издаваат бели картони во подрачните единици на Министерството за земјоделство, а Сојузот ги очекува новите договори со новите откупни цени, нешто повисоки од лани.