Компанијата за изработка и производство на мебел Технокооп, преку својот бренд за продажба на сериски мебел OTO Мебел успешно ја заврши донаторска акција и го опреми Дневниот центар за деца со аутизам од Скопје. Средствата беа собрани за времетраењето на Аутлет саемот за домот, што се одржа од 5 до 14 јуни 2015 година.
“Пред сè, сакаме да искажеме голема благодарност за ОТО Мебел Маркет што се сети, а потоа и покрена акција за опремување на Дневниот центар за деца за аутизам. Овој центар постојано има потреба од помош и драго ни е што таа доаѓа од компанија која е позната по својата општествена одговорност. Нашата институција дневно ја посетуваат голем број деца и сите заедно придонесуваме за нивниот психофизички развој и напредок. Оваа донација им обезбеди можност своето време тука да го поминат на нов и удобен мебел од ОТО Мебел Маркет. Секоја новост за нив е голема радост, среќа и задоволство”, изјави Елена Степаноска, координатор на Дневен центар за деца со аутизам.
Дневниот центар кој започна со работа пред една година, има капацитет за згрижување на 15 деца на возраст до 18 години. Центарот нуди вонинституционална заштита на децата и младинците со аутизам и преку креативно едукативни работилници се труди да го подобри нивниот развој на социјалните вештини.
“Децата се приоритет во секое општество. Ние како компанија секогаш се трудиме да помогнеме каде помошта е потребна, за најранливите групи, а посебно за децата. Организирањето на ваквите донаторски акции се начин како дирекно можеме да помогнеме и ги подобриме условите во тие средини. Овој пат иницијативата на ОТО Мебел Маркет беше насочена за помош кон Дневниот центар за деца за аутизам и заедно со граѓаните успеавме да го разубавме секојдневието на децата што престојуваат таму”, изјави Тони Божиновски, генерален менаџер на Технокооп мебел.
ОТО Мебел маркет и минатата година преку донаторка акција на Аутлет саемот за домот, го опреми детскиот интернат Гоце Делчев во Љубанци. Компанијата со оваа традиција само уште еднаш ја покажа својата општествено одговорна страна, ја продолжи низата на акции од таков тип и со донацијата овозможи Центарот, неговите згриженици и вработени да функционираат во подобри услови.