ОТО Мебел маркет опреми просторија во Интернатот Гоце Делчев од с. Љубанци

47

Интернатот Гоце Делчев од село Љубанци доби нова, модерно опремена просторија, како резултат на донаторската акција што ја спроведе компанијата за изработка на мебел, ОТО Мебел Маркет. За времетраење на АУТЛЕТ саемот, дел од продажбата се одвои токму за опремување на дневниот престој на Интернатот.

„Нашата цел се исполни, а тоа претставува само дополнителен поттик да продолжиме со вакви акции. Идејата да го опремиме дневниот престој во Интернатот успешно се реализираше, а тоа ќе им овозможи на учениците што престојуваат таму да се чувствуваат што е можно попријатно и покомфорно. Се надеваме дека новиот изглед на дневниот престој ќе ги оправда нашите заложби и ќе ги мотивира учениците да бидат уште поуспешни на полето на образованието“, изјави Тони Божиновски, директор на ОТО Мебел маркет.

Молерисување на ѕидовите, клуб маса, гарнитура, елементи за дневна соба се само дел од донацијата што денес му даде поинаков лик, ново значење и поуреден изглед на просторот во кој учениците згрижени во Интернатот Гоце Делчев го поминуваат поголемиот дел од денот и ги реализираат своите училишни активности, но и се дружат меѓусебно во текот на слободниот период од нивното време.

„Со оваа вредна и значајна донација, компанијата ОТО Мебел маркет уште еднаш ја покажа својата општествено одговорна страна. Нивниот придонес за нашиот Интернат ги надмина очекувањата и со сигурност ќе ја подобри работата на целиот персонал, но пред сѐ ќе им овозможи на учениците попријатен престој и подобро функционирање. Се надеваме дека новиот изглед на дневниот престој и несебичната заложба на ОТО Мебел маркет ќе ги мотивира и останатите македонски компании да го следат овој пример“, изјави Силвана Терзиева, директорка на Интернатот Гоце Делчев.

Во Интернатот се згрижени 15 деца на различна возраст што потекнуваат од дисфункционални и социјално загрозени семејства, поради тоа македонската компанија ОТО Мебел маркет направи напори да ја претвори оваа замисла во реалност и им овозможи на згрижените деца и на целиот персонал простор во кој се чувствува домашна и семејна атмосфера.