
Во текот на 2024 година, во Европската Унија се генерирани 81,5 милиони тони отпад од пакување, односно 181,0 кг по жител. Количината на отпад од пакување по глава на жител се зголемила за 3,2 кг во споредба со 2023 година и за 19,6 кг во споредба со 2014 година.
Од вкупното количество генериран отпад од пакување, 40,8 проценти биле хартија и картон, 19,9 проценти пластика, 18,1 процент стакло, 16,2 проценти дрво, 4,8 проценти метал и 0,2 проценти други материјали, објави Европската канцеларија за статистика – Евростат.
Пред две години, во просек по жител во ЕУ се генерирале 35,9 кг отпад од пластична амбалажа, од кои 15,3 кг биле рециклирани. И количината на отпад од пластична амбалажа и количината на рециклиран отпад се зголемиле за 0,6 кг во споредба со 2023 година.
Во периодот од 2014 до 2024 година, вкупното количество генериран отпад од пластична амбалажа се зголемило за 6,1 кг по глава на жител, додека количината на рециклиран отпад се зголемила за 3,4 кг.
Во 2024 година, ЕУ рециклирала 42,4 проценти од вкупниот генериран отпад од пластична амбалажа, што претставува мало зголемување на стапката на рециклирање во споредба со 2023 година (41,6 проценти).
Меѓу земјите од ЕУ, Латвија забележа највисока стапка на рециклирање од 71,0 проценти, по што следат Белгија (58,2 проценти), Полска (56,0 проценти) и Чешка (53,7 проценти).
Од друга страна, најниски стапки се забележани во Данска (22,5 проценти), Финска (26,9 проценти) и Франција (27,4 проценти).











