Отсега услугите НЛБ мКлик мобилното банкарство достапни за лицата со оштетен вид

44

НЛБ Банка во соработка со софтверската компанија Asseco SEE направи значајни подобрувања на функционалностите на постоечката НЛБ мКлик апликација благодарение на кои таа отсега е достапна за употреба од страна на лицата со оштетен вид.

Со новите подобрувања на НЛБ мКлик мобилното банкарство, апликацијата е прилагодена да биде читлива за функционалноста “вграден гласовен читач” кој треба да е инсталиран и достапен на самиот мобилен телефон на корисникот. На овој начин клиентите со оштетен вид, отсега, ќе можат непречено да имаат увид во сите свои сметки, да ги извршуваат сите банкарски трансакции, да ги ажурираат своите податоци, да аплицираат за мобилен кредит – едноставно и дигитално благодарение на гласовниот водич. Оваа функционалност која е единствена на пазарот, придонесува на подигнување на квалитетот на живеење на лицата со оштетен вид, овозможувајќи самостојно користење на банкарските услуги во секое време и секое место.

“Навистина сме горди на ова подобрување бидејќи за првпат во нашата земја се воведува ваков тип на услуга каде мобилното банкарство е достапно за клиентите со оштетен вид. Благодарение на современите технолошки придобивки успеавме да го поддржиме гласовниот читач кај телефоните, со што банкарските трансакции отсега можат да се реализираат преку мобилното банкарство следејќи ги гласовните инструкции. На овој начин, заедно со нашиот партнер Asseco SEE, ја подигнуваме достапноста на банкарските услуги за сите клиенти, со што ја потврдуваме позицијата на општествено одговорни компании. Исто така би сакале да укажеме благодарност и до Сојузот на слепи лица кои несебично ги споделија со нас предизвиците со кои тие се соочуват како и потребите за надминување на истите“, изјавија од Банката.

Како што известуваат од Банката, дигитализацијата како еден од нивните стратешки приоритети ќе продолжи да се развива со забрзано темпо и во иднина, со цел да се зајакне и зголеми достапноста на нивните продукти и услуги до крајните корисници.