Рускиот фармацевтски холдинг Протек Груп денеска свечено ќе ја отвори својата фабрика Продис во технолошко – индустриската развојна зона Скопје 1 – Бунарџик, во која ќе се произведуваат природни и здрави производи.
Продис ќе произведува хомеопатски лекови, органски и неоргански производи од житарки, како и органски и неоргански чаеви, витамини и минерали. Дури 95% од производството ќе биде наменето за странските пазари, пред се во Руската Федерација, но и на пазарите во поранешните советски и југословенски републики и во прекуокеанските држави.
Вкупната руска инвестиција е во вредност од пет милиони евра и ќе се одвива во две фази. Во првата фаза се отвора производниот капацитет со површина од 4.000 метри квадратни во кој ќе работат 130 лица, а во втората фаза, до 2015 година, ќе следи доградба на производниот објект за уште 3.500 метри квадратни и 130 нови вработувања. Тогаш ќе се обезбеди целосно производство на хомеопатски лекови од суровина до финален производ.
Протек Груп е еден од најголемите фармацевтски холдинзи во Русија. Се занимава со производство, дистрибуција и трговија со лекови и козметика.