„Отворен Балкан“ во Охрид: Продолжуваме со соработка за силен регион подготвен за членство во ЕУ

9
Во рамки на Самитот на „Отворен Балкан” во Охрид, лидерите од регионот, иницијаторите премиерот Димитар Ковачевски како домаќин, неговиот албански колега Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и гостите, Дритан Абазовиќ, премиерот на Република Црна Гора и Зоран Тегелтија,  претседавач на Советот на министри на Република Босна и Херцеговина, во своите обраќања истакнаа дека за земјите од регионот е многу важна соработката и заедничкото дејствување, почитувајќи ги вредностите на Европската Унија.

Поддршката од Европската Унија и Соединетите Американски Држави беше пренесена преку обраќањето на комесарот за европска соседска политика и преговори за  проширување на Европската Унија Оливер Вархеји и видео пораката на Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД и специјален пратеник за Западен Балкан.

Премиерот Ковачевски во своето обраќање подвлече дека иницијативата „Отворен Балкан” е успешна и носи опипливи резултати за граѓаните, кои се реализација на досега потпишаните спогодби.

„Отворен Балкан веќе ги дава првите резултати за граѓаните и за стопанствениците. Зелената лента за транспортни возила на граничните премини Ќафасан и Табановце овозможува значително побрз проток на камионите кои превезуваат  земјоделски производи или храна. Внимателно следиме како се одвива протокот, дали и каде има застој. Нашите институции се во постојана комуникација со крајна цел на овие зелени ленти целосно да ги отстраниме меѓуграничните рампи и бариери”, посочи Ковачевски, за погодностите од трилатералниот договор потпишан меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија подвлекувајќи дека заеднички лидерите се залагаат за намалување на контролите и бирократијата и преку зголемување на довербата меѓу институциите на трите држави.

Истакнувајќи дека бенефитите и резултатите се веќе видливи, премиерот Ковачевски посочи дека благодарение на Договорот за заедничко дејствување за време на природни и други катастрофи, соседите ѝ помогнаа на Северна Македонија со навремена интервенција во текот на пожарите минатата година.

„Цела Европа, и ние земјите од регионот, се соочуваме со сериозни последици од воената, енергетската, економската и здравствената криза. Во вакви услови ние сме си природно упатени едни на други. Конечно, ние се разбираме, се помагаме едни со други и најважно, после долго време, имаме заедничка цел: Заедно да одиме напред!”, потенцираше Ковачевски.

Ковачевски дополни дека сега уште појасни и поаргументирани се придобивките од слободниот проток на капитал, луѓе, стоки и услуги.

„Ние сме тука пред се заради подобрување на  конкурентноста, нови инвестиции, поголем пазар, мобилност и развој на бизнисите во регионот. Ние сме тука заради подобар стандард и квалитет на живот на сите наши граѓани од целиот Балкан”, додаде Ковачевски.

„Отворен Балкан, како ново, амбициозно и динамично регионално поврзување доби силна и едногласна поддршка од деловните заедници на сите земји од Западен Балкан. Тие се согласија дека Отворен Балкан е платформата која му е потребна на регионот. Им благодарам на стопанските комори што се нашиот ветер во грб, наш партнер и мотиватор, што многу добро знаат да пофалат кога добро работиме, но и да најдат соодветен начин на критика за да се подобруваме онаму кајшто можеби сме забавиле”, порача Ковачевски од Охрид во обраќањето пред лидерите и гостите на Самитот на Отворен Балкан.

Тој подвлече дека денеска документите што ќе се потпишат придонесуваат за взаемното признавање на дипломи и научни звања издадени во високообразовните и другите овластени институции во трите земји, со што ќе се забрза постапката за создавање единствен заеднички пазар на трудот, за да останат младите тука.

„Отворен Балкан заеднички ќе го промовираме како регионална атрактивна туристичка дестинација.

Денес лансираме нова соработка и во областа култура. Се договоривме за креирање Заеднички календар на културни настани што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе ја поттикне културната размена. Очекувам да го зголемиме бројот на фестивалски настани во регионот, што ќе значи повеќе содржина за нашите граѓани и поголема атрактивност на регионот”, рече Ковачевски кој како придобивка за олеснување на прекугранично движење на луѓе, стоки или услуги го спомена и Меморандумот за разбирање за соработка на даночните администрации меѓу земјите од регионот.

Тој подвлече дека војната во Украина покажа дека заради зголеменото влијание на трети страни во регионот, важна е регионалната соработка и затоа постои  „Отворен Балкан” како автохтона, органска иницијатива,

„Нашата политичка цел е јасна и единствена – Западен Балкан мора да стане дел од Европската Унија. Местото на секоја земја од регионот е во Европската Унија. По тој пат одиме. Заедно се европеизираме”, рече Ковачевски, нагласувајќи „Отворен Балкан” е за интеграција, за отворени можности, за слобода, за олеснување и за давање придобивки на сите граѓани.

Српскиот претседател Вучиќ заблагодарувајќи му се на еврокомесарот Вархеји, за кој како што подвлече со своето денешно присуство ја изразува поддршката на Иницијативата Отворен Балкан подвлече дека трите земји лидери покажаа дека немаат никакви нерешени билатерални  прашања освен да бидат пријатели и да соработуваат во полза на сите граѓани.

Притоа, српскиот претседател ги повика земјите од регионот да учествуваат во работата на работни групи кои летово ќе се состанат и ќе разговараат за тоа како да се надминат проблемите со обезбедување  храна и обезбедувањето на електрична енергија.

Вучиќ подвлече дека е потребно забрзување на сите процеси и тоа денеска со потпишување на меморандумите и договорите се докажува, во насока на обезбедување на проток на луѓето, стоките и услугите.

Премиерот Рама во своето обраќање подвлече дека војната во Украина покажа дека иницијативата Отворен Балкан е нужност и потреба земјите од регионот да соработуваат меѓу себе, во поглед на обезбедување на храна и совладување на енергетската криза.

Албанскиот премиер Рама изрази задоволство од присуството на претставници од САД и ЕУ, како и гостите од Црна Гора и БиХ, кои ја покажуваат поддршката и со тоа Отворен Балкан го оправдува своето постоење, што е многу важно  и од што бенефити најмногу имаат граѓаните од земјите на регионот.

И премиерот Абазовиќ, нагласи дека земјите од регионот се свртени кон иднината не гледајќи во минатото и нагласи дека од Црна Гора, Отворен Балкан има подадена рака.

Тој нагласи дека за потребите на сите граѓани од регионот е потребно да соработуваат сите лидери на регионот и заеднички да соработуваат за економски развој и остварување на европските интеграции.

Тегелтија истакна дека искрено се надева дека е последниот од Босна и Херцеговина кој на Отворен Балкан доаѓа како гостин.

Тој подвлече дека е присутен на Самитот бидејќи бизнис заедницата ја поддржува иницијативата, а тие се прогресот на општеството, што носи добро и за граѓаните.

Тегелтија нагласувајќи дека е присутен на Самитот затоа што знае дека е поддржан од најголемиот број граѓани, посочи дека во оној момент кога ќе  биде донесена политичка  одлука, Босна и Херцеговина ќе се придружи на иницијативата.

Американскиот заменик-помошник државен секретар Ескобар, кој својата порака ја испрати во живо преку видео врска нагласи дека Соединетите Американски Држави го гледаат Западен Балкан преку призмата на 21 век, во обезбедување соработка на сите полиња, користејќи ја својата добра географска положба.

Тој подвлече дека земјите на Западен Балкан имаат огромен потенцијал и претприемачки дух за економска и регионална соработка во областа на обновливата енергија, за надминување на проблемите кои ги носат климатските промени.

Ескобар порача дека иницијативата доаѓа во многу битно време и ги охрабри лидерите да го усогласат „Отворен Балкан” со другите иницијативи на Западен Балкан. Тој порача дека земјите од регионот може да сметаат на помошта од САД во однос на економијата, борбата против корупцијата и криминалот и европската интеграција.

Во своето обраќањето, еврокомесарот Вархеји оцени дека идејата за Отворен Балкан е осмислена од регионот и таа идеја е поддржана од Европската Унија.

Притоа еврокомесарот посочи дека  се додека се спроведуваат основните столбови и стратегии од агендата на ЕУ, Иницијативата може да продолжи да ги жнее економските и прогресивните резултати од нивната соработка.

Во рамки на Самитот, ќе бидат реализирани повеќе договорени соработки, со потпишување на конкретни меморандуми и договори за соработка.

Со Договорот за соработка во полето на взаемно признавање на дипломи и научни звања издадени во високообразовните институции и други овластени институции во трите земји, ќе се забрза постапката за прифаќање на дипломите и професионалните компетенции, што е уште еден чекор повеќе кон заедничкиот пазар на трудот.

Со Меморандумот за разбирање за соработка во областа на туризмот заеднички ќе биде промовиран регионот како атрактивна туристичка дестинација.

Една од целите на Меморандум за соработка во културата е креирање на Заеднички календар на културни настани што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе го поттикне културниот туризам.

Со Меморандумот за разбирање за соработка на даночните администрации меѓу земјите од регионот се создава нова можност за полесно прекугранично движење на луѓето, стоките или услугите.