Отворен настан во Хаб Скопје: Ангели – инвеститори и стартапи

33

hub 2

Хаб Скопје (Hub Skopje), во четврток, 2 јуни, организира настан од отворен карактер на кој ќе гостуваат Мајкл Голдберг, претприемач и професор на Weatherhead School of Management и Даринка Буровска од Nottingham University Business School.

Настанот почнува во 12 часот, со Мајкл Голдберг, кој ќе зборува како Македонија да го поттикне растот на инвестиции на бизнис ангели во стартапи, додека Даринка Буровска ќе говори за македонската старт – ап сцена и како да се мотивираат младите креативни умови.

“Тимот на Hub Скопје нуди инспиративна содржина, разиграна заедница и иновативен know-how кој помага за основање и развивање на бизнис идеите и бизнисите, и придонесува истите да создадат импакт. Hub Скопје ги охрабрува и поттикнува своите членови, партнерите и пријателите да го започнат патешествието кое се нарекува претприемништво, да бидат автентични и остават свој печат”, вели Весна Кардалевска, директор на Хаб Скопје.

Hub Скопје е иновативна и инспиративна работна околина за претприемачи и компании во рана фаза од развојот, фриленсери и индивидуалци кои сакаат да започнат сопствен бизнис. Овој акцелератор и коворкинг простор е дел од Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија, имплементиран од Центарот за развој на претприемачи и менаџери (ЦЕЕД) Македонија, во соработка со Млади Инфо и SWTA.