​​Отворен првиот Национален центар за поддршка на социјалните претпријатија

3

На денешното отворање на првиот Национален центар за поддршка на социјалните претпријатија министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска рече дека Центарот ќе овозможи системска поддршка на новите и на постојните социјални претпријатија, бидејќи тие се клучни во  решавање на предизвиците на локално ниво поврзани со сиромаштијата, невработеноста и други социо-економски прашања во врска со интеграцијата на ранливите групи на  граѓани. На сите заинтересирани  Националниот центар ќе им овозможи да добијат едукација, советување, обука, како и финансиска поддршка.

Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на Владата го обезбеди просторот, кој со средства на ЕУ се уреди во место кое ја поддржува социјалната инклузија, интеграција, развој на социјалната економија и социјалното претприемништво во земјата. Министерката Шахпаска информираше дека отворањето на Националниот центар, како и  промоцијата на концептот за социјално претприемништво е многу важен за развојот на социјалните претпријатија во нашата земја.

„Клучната улога на социјалните претпријатија е да обезбедат рехабилитација и реинтеграција на пазарот на трудот, сигурна и стабилна иднина за тешко вработливите лица, за лицата во социјален ризик, поранешни зависници, лица кои порано биле во судир со законот и лица со попреченост.  Сите овие ранливи граѓани преку социјалните претпријатија,  добиваат шанса да се вклучат во заедницата, да заработуваат за сопствена егзистенција и да придонесат за развој на локалната, меѓутоа и на националната економија.  Затоа, потребни се мерки и решенија коишто ќе ги подобрат условите за нивна работа и ќе создадат директни и индиректни придобивки за македонското општество. Ова значи промени во легислативата, државните програми за материјална поддршка и избор на модел за нивно организирање,” рече министерката Шахпаска.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, потенцираше дека Владата на Република Северна Македонија е посветена во создавањето на солидарно општество за сите. Информираше дека  преку Фондот за иновации и технолошки развој, оваа година за првпат e овозможена и финансиска поддршка од 6 милиони денари за реализација на проекти за социјално претприемништво. На јавниот повик се пристигнати 69 апликации, а ФИТР може да поддржи дури до 90 % од целокупниот буџет на проектот.

„Социјалното претприемништво не е ништо помалку, од иднината на претприемништвото како форма, во кое се повеќе ќе сведочиме за бизниси кои освен тоа што генерираат профит, создаваат и позитивни промени во општеството. Воедно, ќе носат социјално-демократски вредности, во секојдневното работење. Оваа Влада го препозна потенцијалот и потребата на социјалното претприемништво, нашите политики се ориентирани кон интеграција на истото во економијата. Токму затоа, на 28 септември оваа година, беше усвоена и Националната стратегија за социјалните претпријатија, со која создадовме една официјална платформа, како алатка која ќе ни помогне во следење на развојот на социјалното претприемништво во земјата”, нагласи Битиќи и се осврна на дел од активностите на Владата со кои се стимулира социјалното претприемништво.

Раководителот на Сектор за соработка при Делегацијата на Европска Унија Штефен Худолин, им упати честитки на сите кои беа  вклучени во отворањето на центарот.

„Сите институции покажаа кохезија и соработка за да овозможат  услови за работа и да ја намалат нееднаквоста. Нашата социјална економија е во суштина хумана економија која не штити од големите животни ризици, болести, несреќи и сиромаштија. Со овој центар се создаваат можности за раст, развој и поддршка на социјалните претпријатија во Северна Македонија.” Штефан Худолин, одговорен за соработка при Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија

Тим лидерот на проектот „Поддршка на социјални претпријатија” Барбара Садовска, убедена е дека Националниот центар за поддршка на социјалните претпријатија ќе работи успешно.

“Потребни ни се социјалното претприемништво и социјалните претпријатија да бидат дел од урбаниот развој, од развојот на локалните заедници, дел од општествените иновации, култура и религија. Верувам дека заедно со легислативата за социјални претпријатија и овој регионален Центар за поддршка кој денес го отвораме, ќе биде полесно за социјалните претпријатија да продолжат со својата работа,” рече Садовска.

Со новото законско решение за социјални претпријатија кое се очекува да се донесе наредната година ќе се  уредат критериумите за стекнување статус на социјално претпријатие, регистрацијата, даночниот третман, мониторингот итн. Ќе биде обезбедена и ознака за производи и услуги на социјалните претпријатија. За развојот на социјалните претпријатија важно е и создавањето на култура за социјално претприемништво но и олеснување на пристапот до пазарите. Во таа насока е и денешниот прв национален саем во Скопје. Регионални саеми за социјални претпријатија деновиве се организираат и во други градови низ земјава. Националниот центар за социјални претпријатија својата поддршка и развој на социјалните претпријатија ќе ја обезбедува  заедно со 8-те регионални точки за поддршка неодамна воспоставени во Скопје, Велес, Штип, Тетово, Струмица, Охрид, Битола и Куманово.

Министерството за труд и социјална политика е носител на процесот за поддршка и развој на социјалните претпријатија, со вклученост на сите засегнати страни и значајна експертска поддршка  од ЕУ преку проектот „Поддршка на социјалните  претпријатија”.