Отворени дискусии

24

balon

Фото: Pixabay

Пред некој ден, на една од охридските плажи, имав една убава дискусија со пријателка која го имаше прочитано советот за срамот. Дискусијата беше многу отворена (едно мало појаснување: кога зборувам за отворена дискусија, мислам на искрена и без некоја позадина, без некоја зла намера или идеја дека треба некого да уверам во тоа дека мојот став е правилен, но и да бидам отворен и подготвен на промена на мојот став) и искрен, можеби поради тоа што долго време се познаваме, но мене ме поттикна да истражувам малку повеќе околу тоа – дали водиме отворени или затворени дискусии.

За жал, испадна дека во поголемиот број случаи, дискусиите не се многу отворени и се со однапред предвиден крај од тој/таа што ја започнале дискусијата. Тоа е така затоа што на соговорниците со кои имаме дискусија не им даваме многу време за подготовка, а и гледаме да си го истераме своето, но и поради тоа што не сме многу отворени за различни ставови од нашите. Ова последното е многу поврзано со нашиот став, генерално кој неколку пати го имаме разработено преку овие неделни совети, а се сведува на: или ќе биде како што јас ќе кажам или нема да биде никако!

Поттикнат од резултатите од тоа микроистражување, решив да споделам со вас совети како да имате отворена и искрена дискусија со вашите колеги, пријатели, роднини и итн.

  1. Одредете ја темата – во зависност од тоа што сакате да се дискутира, ќе треба да ја дефинирате темата. Темата ќе помогне многу на сите барем малку да се подготват.
  2. Подготовка – подгответе се за темата за која сакате да дискутирате, но споделете и со оние со кои сакате да дискутирате за темата, за да може и тие да се подготват.
  3. Одберете почеток – ако веќе вие ја наметнувате дискусијата, тогаш бидете подготвени за почеток. Одберете прашања или аргументи што сакате да ги споделите со сите, и убаво образложете ги.
  4. Одржувајте ја живоста на дискусијата – имајте секогаш „џокер“ во ракав и бидете подготвени да се „извадите“ со него кога ќе замре дискусијата. Одржувајте го тонусот на дискусијата цело време.
  5. Имајте аргументи – со тоа што убаво ќе се подготвите. Немојте да бидете површни.
  6. Учете – има многу работи кои можеби не ги знаете и бидете подготвени за учење. Не сте секогаш во право! Ако сакате може да ја водите дискусијата од познато во непознато, па пак во познато.
  7. Пријателски однос – во зависност од дискусијата и дискутантите, имајте секогаш пријателски и отворен однос. Нормално, сето ова зависно од позицијата и од околината.
  8. Сумирајте – сумирајте си сами на себе си или групно. Дополнително на ова, ако сте научиле нешто ново, гледајте да го запишете тоа или некако да го меморирате.

Што и да правите, бидете од сега натаму отворени во дискусиите. Немојте завиено да зборувате. Никој не ви мисли лошо, а тие што ви мислат лошо, колку и да се пазите од нив, ви мислат лошо. Немојте поради таквите вие да се менувате.

Со успех во промените.