Ovosen.mk – онлајн продавница создадена од лица со оштетен слух

147

Првата онлајн продавница создадена од глуви лица наменета за компании, од денеска е достапна на интернет просторот во Македонија www.ovosen.mk.

Проектот Раце што зборуваат преку кој беше изготвен првиот Веб речник на Македонски знаковен јазик продолжува со своите активности преку социјално претприемачкиот проект Пет на ден – Кошничка свежо овошје и зеленчук!

Овој проект има за цел не само да ја подигне свеста за избор на здрава храна туку е и социјално претприемaчки проект. Целокупниот концепт е создаден и помогнат од лица со оштетен слух, кои се грижат овошјето и зеленчукот во овие кошнички да биде внимателно одбрано, спакувано и секогаш доставено свежо до компании кои сакаат својата општествена одговорност да ја покажат преку поддршката на овој проект. На овој начин значително ќе помогнат да се подигне свеста во македонското општество за социјалната инклузија на лицата со оштетен слух на кои ние ретко помислуваме, а тие се тука и помислуваат секогаш на нас.

Носители на проектот Раце што зборуваат се Здружението на глуви и наглуви Тишина – Карпош со поддршка на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка и Меѓународната фондација Борис Трајковски.

Концептот Пет на ден е наша и ваша цел и е применлив за секого.