
Цените на акциите паднаа на азиските берзи во понеделник, откако „Мудис“ го намали кредитниот рејтинг на САД.
Индексот MSCI на акциите во Азиско-пацифичкиот регион се намали за 0,2 проценти во седум часот, по растот од минатата недела.
Во исто време, цените на акциите во Шангај, Хонг Конг, Австралија, Јапонија и Јужна Кореја паднаа помеѓу 0,1 и 1,1 проценти.
Инвеститорите беа алармирани од одлуката на „Мудис“ од минатиот петок да го намали кредитниот рејтинг на САД од Ааа на Аа1 поради големиот дефицит на федералниот буџет, високите трошоци за финансирање и планираните намалувања на даноците.
Јавниот долг на САД е околу 36.000 милијарди долари, а би можел да се зголеми за уште 3.000 милијарди во следните десет години, бидејќи републиканците планираат да ги намалат даноците.
Затоа утрово, пишува Хина, американските фјучерсни индекси Dow Jones, S&P 500 и Nasdaq се исто така во минус – помеѓу 0,7 и 0,8 проценти.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент се обиде да ги смири загриженостите на инвеститорите во текот на викендот во врска со рејтинзите, предупредувајќи ги трговските партнери дека Вашингтон ќе ги зголеми царините доколку не понудат трговски договори со „добра волја“.
„Останува да се види дали реципрочните царини од десет проценти – со исклучок на Канада и Мексико – ќе останат или ќе бидат зголемени за некои земји. Освен нарушувањето поради самите царини, неизвесноста во врска со трговската политика дополнително ќе го забави растот на економиите“, истакна Мајкл Фероли, економист во банката „Џеј Пи Морган“.