Пад на цената на нафтата на светските берзи под 83 долари

69

Цените на нафтата паднаа под 83 долари на меѓународните пазари во петокот, под притисок од навестувањата за обилна понуда и стравувањата дека континуираното зголемување на каматните стапки во САД ќе ја забави економијата и побарувачката за гориво.

На лондонскиот пазар утрово  цената на барелот  изнесува 83,00 долари. Во Њујорк барелот се тргуваше по од 76,34 долари, пренесува Мина.

На крајот на неделата, пазарот се фокусираше на пораките од централната банка на САД, Федералните резерви (ФЕД) за зголемување на каматните стапки. Двајца функционери на ФЕД во четвртокот предупредија дека банката мора дополнително да ги зголеми трошоците за позајмување за да ја намали инфлацијата на посакуваното ниво.

Нивните изјави аналитичарите ги толкуваа како најава за поагресивно зголемување на каматите, стравувајќи за економијата и побарувачката на нафта. Навестувањата за обилна понуда претставуваа бариера за цените.

Руските производители проценуваат дека нема да го намалат извозот, и покрај најавата на владата за намалување на производството во март за 500.000 барели дневно, објави во петокот весникот „Ведомости“, повикувајќи се на извори запознаени со плановите на компаниите.

Министерот за енергетика на Саудиска Арабија одделно рече дека договорот на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници за намалување на производството за два милиони барели дневно ќе остане во сила до крајот на годината, додавајќи дека тој е внимателен во однос на кинеските прогнозите на побарувачката.