Пад на цените на литиумот во Кина

10

Цените на литиумот во Кина паднаа на 417.500 јуани (61.795 долари) за тон, што е најниско за една година и е намалено за 30 отсто од највисокото ниво од 600.000 јуани во ноември. Причина за падот на цените е силната понуда и слабата побарувачка, додека причините се нешто пошироки.

Загриженоста за светската рецесија и крајот на кинеските стимулации за производителите на батерии ја намалија побарувачката за електрични автомобили, пишува Trading Economics. Според Bloomberg, слабата побарувачка ја натера Tesla да го намали производството во својата фабрика во Шангај во февруари.

Во исто време, кинеското производство на литиум се зголеми за 89 отсто на годишно ниво во декември. Најголемиот производител на литиум, Австралија, предвидува глобалното производство да достигне 915.000 тони во 2023 година, што е за 32 отсто зголемување од минатогодишната проценка.

Според аналитичарите, пазарот чека да го види влијанието на намалувањето на субвенциите за нови енергетски возила во Кина и е загрижен поради ниската доверба на потрошувачите, која е поврзана со имотната криза во земјата. Цените на литиумот вртоглаво пораснаа од средината на 2021 година, бидејќи порастот на продажбата на електрични автомобили го направи литиумот многу  побаруван.

Дополнително, цените на литиумот во Кина остануваат осум пати повисоки од пред две години и се очекува дополнително да паднат, пренесува Financial Review. Ваквите очекувања ги поткрепува и фактот што кинеската компанија CATL, најголемиот производител на батерии во светот, минатата недела потпиша договори со кинеските производители на електрични возила по намалени цени.