Вредноста на доларот во однос на кошничката валути падна минатата недела бидејќи е речиси сигурно дека американската централна банка ќе ги намали каматните стапки овој месец, по неколкугодишната рестриктивна монетарна политика.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на шесте најважни светски валути, минатата недела ослабна за 0,5 отсто, на 101,19 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на еврото се лизна за 0,3 отсто, па цената на еврото достигна 1,1085 долари. Американската валута ослабе и во однос на јапонскиот јен, за 2,6 отсто, па нејзиниот курс потона на 142,30 јени. Сите најнови податоци покажуваат дека инфлацијата во САД слабее, како и пазарот на трудот, додека економскиот раст забавува.
Поради ова, американската централна банка отвора простор за намалување на каматните стапки, па доларот е под притисок. По изјавите на голем број челници на ФЕД, речиси е сигурно дека централната банка ќе ги намали каматните стапки веќе на седницата во септември. Прашањето е само за колку.
Повеќето аналитичари очекуваат намалување на каматните стапки за 0,25 процентни поени, но има и такви кои очекуваат поостро намалување за 0,50 процентни поени. Јапонскиот јен, пак, силно зајакна бидејќи поради високата инфлација во Јапонија, можно е наскоро тамошната централна банка дополнително да ја заостри монетарната политика.
Европската централна банка се очекува дополнително да ги намали каматните стапки во септември, по втор пат од јуни. Речиси сите податоци покажуваат дека инфлацијата во еврозоната постепено се намалува, што и отвора простор на ЕЦБ да ги намали каматните стапки. Од друга страна, економијата на еврозоната расте бавно, па затоа се неопходни монетарни стимулации.