Пад на германскиот извоз и увоз во октомври

38

Германскиот извоз и увоз се намалија во октомври поради послабата трговска активност во Европа, покажаа прелиминарните податоци на заводот за статистика Дестатис. Според календарските и сезонски приспособените податоци, извозот е намален за 0,2 отсто во однос на септември кога беше намален за 2,5 отсто.

Така, извозот од најголемата европска економија во остатокот од светот е намален втор месец по ред, пренесува Хина. И увозот се намалува петти месец по ред. На месечно ниво, во октомври е намален за 1,2 отсто, по падот од 1,9 отсто во септември.

Во однос на претходниот месец, извозот во земјите од Европската унија е намален за 2,7 отсто. За сличен процент падна и германскиот увоз од остатокот на Унијата.

Испораките во земјите надвор од ЕУ се зголемени за 2,9 отсто, додека увозот од тие земји е зголемен за 0,8 отсто на месечно ниво. На годишно ниво се намалуваат и германскиот извоз и увоз. Во однос на октомври минатата година, извозот во остатокот од светот е намален за 8,1 отсто, а увозот од тие земји е намален за 16,3 отсто.

Во надворешно-трговскиот биланс, Германија во октомври остварила суфицит од 17,8 милијарди евра, нешто повисок од септември кога изнесувал 16,7 милијарди евра. Истиот месец лани, суфицитот изнесуваше 7,8 милијарди евра.

Најголемиот дел од германскиот извоз во октомври отиде во САД, најголемата светска економија, во која извозот порасна за 5,7 отсто во споредба со претходниот месец, покажуваат сезонски и календарски приспособени податоци објавени од Дестатис.

Истовремено, извозот во Кина е зголемен за 1,5 отсто, а во Велика Британија за 5,6 отсто. Германија увезла најголем дел од стоките од Кина, но нивниот увоз во октомври е намален за 2,4 отсто во однос на претходниот месец.

Увозот од САД е зголемен за 2,2 отсто, пренесува Хина, а увозот од Велика Британија е забележително послаб, за 15,1 отсто во однос на претходниот месец. Извозот во Русија во октомври е намален за пет отсто во однос на септември. Истовремено, увозот од Русија е зголемен за 6,6 отсто, покажуваат календарските и сезонски прилагодените податоци на Дестатис.