Пад на индустриското производство во јануари

62

Индустриското производство во јануари годинава во однос на истиот месец лани бележи пад од 2.3 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во јануари 2023 година, во однос на јануари 2022 година, бележи пораст од 2.4%, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 5.0 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 23.0 %.

Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на метали, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, производството во јануари 2023 година, во однос на јануари 2022 година, бележи пораст кај Енергија за 15.1 %, Трајни производи за широка потрошувачка за 9.0 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 6.2 %, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 15.1 % и Капитални производи за 2.6 %.