Пад на продажбата на нови автомобили во Европа

Продажбата на нови автомобили во Европа се намали во јануари на годишна основа за прв пат од јуни, под притисок од послабите резултати на главните пазари, вклучувајќи ги Германија, Франција, Белгија и Полска, покажаа најновите податоци од Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).

Падот беше најизразен во Норвешка, каде што регистрациите на нови возила, кои се земаат како индикатор за продажба, потонаа за околу 76 проценти во споредба со истиот месец во 2025 година.

Европската автомобилска индустрија поминува низ голема трансформација, додека традиционалните производители се соочуваат со конкуренција од поевтини кинески модели, како и со бавен процес на декарбонизација, кој во меѓувреме е одложен, пишува Ројтерс.

Во исто време, компаниите работат во уште понеизвесна трговска средина, откако Врховниот суд на Соединетите Американски Држави во петокот ги прогласи повеќето од американските царини за нелегални.

Продажбата во Европската Унија, Велика Британија, Швајцарија, Норвешка и Исланд се намали за 3,5 проценти на 961.382 возила во јануари, според податоците на ACEA.

Регистрациите на бензински автомобили се намалија за околу 26 проценти во споредба со претходниот јануари, со драстичен пад во Франција од 49 проценти и Германија од 30 проценти.

Уделот на бензинските возила на европскиот пазар се намали од речиси една третина на нешто повеќе од една петтина од вкупните регистрации во набљудуваниот период.

Од друга страна, регистрациите на електрични возила на батерии се зголемија за околу 14 проценти, на хибридни возила со приклучок за 32 проценти и на хибридни возила за шест проценти. Заедно, тие учествуваа со 69 проценти од новите регистрации, во споредба со 59 проценти во јануари 2025 година.

Регистрациите на возила од страна на „Фолксваген“, „БМВ“, „Рено“ и „Тојота“ се намалија за 3,8 проценти, 5,7 проценти, 15 проценти и 13,4 проценти, соодветно, додека кинескиот „БИД“ забележа скок од 165 проценти.