Пад на профитот на Тојота за 42 отсто

19

Јапонската Toyota објави пад на оперативниот профит од 42 отсто во вториот квартал од оваа година, бидејќи најголемиот светски производител на автомобили се бореше со зголемените трошоци за суровините и ограничувањата за производство предизвикани од заклучувањето на коронавирусот во Кина.

Тојота оствари оперативен профит од 4,3 милијарди долари во вториот квартал, наспроти 7,4 милијарди долари во истиот период минатата година. Производството е погодено и од недостиг на чипови, што ја забави автомобилската индустрија на глобално ниво. Тојота три пати ги намали производните цели во текот на вториот квартал, пишува Фајненшл тајмс.

Аналитичарите на S&P Global Market Intelligence очекуваа оперативниот профит на јапонската компанија во вториот квартал да биде нешто повеќе од 6,1 милијарди долари. По објавувањето на кварталниот извештај, вредноста на акциите на Тојота се намали за 3,9 отсто.

И покрај кварталниот пад на профитот, Toyota ја зголеми прогнозата за годишна нето добивка за 740 милиони долари. Компанијата исто така соопшти дека изгледите за производство се попозитивни во втората половина од годината и дека се држи до својот план да произведе 9,7 милиони возила до март 2023 година.

И покрај проблемите, Toyota продаде повеќе возила од Volkswagen во првите шест месеци од тековната година, што значи дека го задржа статусот на глобален лидер во продажба трета година по ред. Производството на Тојота годинава било за 10 отсто помало од планираното, пренесува Ал Џезира.