Пад на Волстрит седма недела по ред, инвеститорите стравуваат од рецесија

57

По големите осцилации на Волстрит, цените на акциите паднаа минатата недела, седми пат по ред, бидејќи инвеститорите стравуваат дека поради високата инфлација, американската ФЕД агресивно ќе ги зголеми каматните стапки, што може да предизвика рецесија, објавија американските медиуми.

На Волстрит, Dow Jones минатата недела се лизна за 2,9 отсто на 31.261 поен, додека S&P 500 потона за 3 отсто на 3.901 поен, а индексот Nasdaq 3,8 отсто на 11.354 поени.

Падот на индексот S&P 500 и Nasdaq седум последователни недели не е забележан од кризата со dot.com во 2001 година, додека падот на Dow Jones осум последователни недели не е забележан од Големата депресија во 1932 година.

Пазарот е на игли бидејќи се очекуваат натамошни агресивни зголемувања на каматните стапки на Федералните резерви на САД, што би можело да ја втурне економијата во рецесија, стои во анализите.

Бидејќи инфлацијата во САД е на највисоко ниво во последните 40 години, над 8 отсто, ФЕД ги зголеми каматните стапки за 0,75 процентни поени од март и се очекува дополнително да ги зголеми за 0,50 процентни поени барем во следните две сесии, анализираат упатените.

Инвеститорите стравуваат дека поради тоа, но и поради војната во Украина и прекините во синџирите на снабдување, економијата би можела да западне во рецесија.

Аналитичарите на Голдман Сакс според медиумите изјавиле дека има 35 отсто шанси за рецесија во следните две години, додека од инвестицискиот институт „Велс Фарго“ изјавиле дека очекуваат блага рецесија во американската економија кон крајот на оваа година и почетокот на следната година, според тамошните медиуми.

„Реалноста е дека инфлацијата е висока, а каматните стапки растат. Се додека стапката на инфлација не почне да се забавува, пазарот ќе биде многу нестабилен, што мислиме дека ќе се прошири во поголемиот дел од летните месеци“, изјавил Тери Сандвен, американски стратег.

И на европските берзи цените на акциите паднаа минатата недела, но според анализите на медиумите тој пад беше многу поблаг отколку на Волстрит.