Паднаа акциите на „Рио Тинто“ откако Србија ги раскина договорите со компанијата

143

Акциите на компанијата „Рио Тинто“ денеска забележаа пад, откако Србија вчера донесе одлука за укинување на нејзините лиценци за истражување на литиум во земјата поради еколошката загриженост, што им наштети на амбициите на оваа англо-австралиска компанија да стане најголемиот европски снабдувач на металот што се користи во електричните возила.

Одлуката на Србија доаѓа во момент кога се наближуваат општите избори во април и во време кога односите меѓу Белград и Канбера се влошија по депортацијата на тениската ѕвезда Новак Ѓоковиќ од Австралија.

Акциите на „Рио Тинто“ паднаа за 4,1 отсто, откако на австралиската берза паднаа за цели 5,1 отсто, што е нејзин најголем пад во еден ден од април 2021 година. Референтниот индекс заврши со пад од 2,3 отсто.

Српската премиерка, Ана Брнабиќ, на прес-конференција во Белград изјави дека одлуката за повлекување на лиценците за „Рио Тинто“ е донесена по барањето на различни еколошки групи за суспендирање на литиумскиот проект „Јадар“, вреден 2,4 милијарди долари, а кој требаше да започне со производство во 2027 година, пренесуваат британските медиуми.

Илјадници лица на крајот на минатата година протестираа ширум цела Србија во знак на револт против владината поддршка за проектот, барајќи „Рио Тинто“ да ја напушти земјата и принудувајќи ја Општината Шабац да се откаже од планот за распределба на земјиштето за објектот.

„Рио Тинто“ веќе потроши 450 милиони долари во претходните студии за изводливост и за другите истражувања за „Јадар“ за да можеше да ја разбере природата на наоѓалиштето, соопшти компанијата во својот јулски извештај за проектот.