Падот на акциите на Тесла го доведува во прашање купувањето на Маск на Твитер

31

Храбриот план на Илон Маск да го купи „Твитер“ делумно зависи од тоа како неговата компанија за производство на електрични автомобили Тесла е котирана на Волстрит, наведува CNN.

Акциите на Тесла паднаа за околу 20 отсто откако Маск првпат откри дека планира да купи 100 отсто од акциите на Твитер. Тоа е главната причина зошто акциите на Твитер сега се за повеќе од 10 отсто поевтини од предложената куповна цена на Маск од 54,20 долари по акција за преземање на социјалната мрежа, пишуваат американските медиуми.

Акциите на Твитер сега се движат околу 47,50 долари. Тоа е малку над нивниот просек од 46,76 долари помеѓу понудата за преземање на Маск од 54,29 долари и цената од 39,31 долари со која тргуваа на почетокот на минатиот месец, кога за првпат откри дека купил повеќе од 9,0 отсто од акциите на Твитер.

Според податоците, се чини дека инвеститорите се сомневаат дека Маск ќе може да ја изврши работата по понудената цена, и покрај тоа што неодамна обезбеди повеќе од 7,0 милијарди долари средства од импресивна група инвеститори, вклучувајќи го и инвестицискиот фонд Фиделити.

Маск има ветување и од банката Морган Стенли дека ќе одобри средства од 12,5 милијарди долари преку маргинални заеми за кои залог ќе бидат неговите акции во Тесла.

Со оглед на големиот пад на акциите на Тесла, прашање е дали Маск ќе мора да ја намали цената на неговата понуда за да ја затвори зделката ако продолжи падот на акциите на овој производител на електрични возила, или можеби ќе се откаже од Твитер, пренесе CNN и заклучува дека расте скептицизмот на Волстрит за шансите да се реализира планот на Маск.